Се чини дека во модерниот свет сонот на Дон Вито Корлеоне, неговата мафијашка организација да стане легален бизнис, полека, но сигурно станува реалност.
Денешните мафијашки организации успешно соработуваат со државните администрации, а во јавноста често се познати како бизнисмени и претприемачи со добри намери.
Најуспешни глобални бизнисмени меѓу мафијашите е руската криминална банда „Солнцевскаја Братва“ која годишно „врти“ околу 8,5 милијарди долари.
„Членовите се поранешни членови на КГБ, специјалци од руската полиција и армија, но и владини службеници. Тие одлично се снаоѓаат во светот на сајбер криминалот и измамите, рекетираат, вршат трговија со дрога, проституција, а исто така се „успешни“ лихвари. За разлика од италијанската мафија која кога ќе те убие, на твојата жена ѝ испраќаат букет со цвеќе, овие момци без да трепнат те ликвидираат тебе, твојата жена, твојот вујко, чичко, внуци, соседи и пријатели“, изјави за американските медиуми поранешен оперативец на ФБИ кој ги истражувал „матните бизниси“ на „Братвата“ во САД.
Брутална војна со Чечените
„Солнцевскаја Братва“ во доцните 80-ти ја основа поранешниот келнер Сергеј Михајлов, а базата на бандата е во московскиот округ Солнцево. Започнале како локална банда, а денес се меѓу најголемите играчи во светот на глобалниот организиран криминал. Во своите редови на почетокот регрутирале револтирани и агресивни невработени млади мажи, кои со насилство сееле страв на улиците на Москва.
Во раните 90-ти жестоко се судриле со чеченската мафија која имала намера да им одземе „дел од колачот“. За да ги победат, се здружиле со бандата „Орековскаја“ и други словенски мафијашки групи. После крвавата мафијашка војна и многуте битки како таа во казахстанското кино каде што загинале шест Чечени и четворица Руси, тие извојувале победа.
Постсоветската транзициска ера во Русија била плодна почва за „Солнцевскаја Братва“ да се прошират и низ светот, а светската слава ја стекнале со ланецот на проституција и трговија со жени од советските републики кои и натаму се „барана роба“ на Западот.
Проституцијата цвета…
Поради сеопштата сиромаштија која завладеала во Русија после распадот на Советскиот Сојуз, убави и сиромашни девојки имало во изобилие и сите биле во експлоатирани. Своите жртви мафијашите најчесто ги намамувале со ветување дека на Запад ги чека добро платена работа. Но, откако ќе ги одведеле во странство, им ги одземале пасошите и ги присилувале да работат во бордели за минимална или никаква плата.
Ако некоја од девојките на кои им биле ветувани кариери како модели и манекенки одбиела проституција, ја одведувале да ги гледа убиствата на девојките кои исто така одбивале да работат. Им се заканувале со ликвидации на нивните семјества, а кога е во прашање руската мафија, тоа никогаш не било празна закана.
На светскиот пазар со трговија на луѓе, жените од поранешните советски републики достигнувале цена и до 15 илјади долари, во зависност од „квалитетот на производот“. Што се постари, цената им паѓа, а постојат гласини дека кога некои од сексуалните робинки ќе остареле, мафијата ги убивала, а нивните органи ги продавале за илегална трансплантација.
Оглас за келнерка во Лондон
Новинарот Дејвид Харисон за лондонски “Sunday Telegraph” напиша приказна за Ирина Валински, 21-годишна Литванка која успеала да побегне од канџите на проституцијата. Таа шест дена неделно работела како „масерка“ во два лондонски стана, а дневно имала од 25 до 30 муштерии кои ѝ плаќале од 300 до 800 долари за услугите. Сите пари морала да им ги предаде на нејзините „сопственици“.
Како и повеќето жртви на трговија со луѓе, Ирина се јавила на оглас за работа како келнерка во Лондон. Кога пристигнала во британскиот главен град, се сретнала со Албанец кој ѝ го одзел пасошот и ѝ рекол дека за неа платил 8,200 долари и дека мора да работи за него додека не му го отплати долгот.
„Ме силуваше уште првиот пат за да ме скрши. Размислував да побегнам, но никогаш не ме оставаше сама. Секој ден ме тепаше, а редовно ме силуваа и неговите пријатели додека на крајот не ја загубив волјата за бегство“, раскажува таа.
Паметниот Дон
„Солнцевскаја Братва“ подоцна ги прошириле „бизнисите“, а голем подем кон самиот врв на светскиот организиран криминал се случил кога на чело на организацијата застанал Семион Могилевиќ. Тој на почетокот само перел пари, па три години бил во затвор. Но, подоцна станал лидер на сите глобални операции. ФБИ денес го бара поради учество во мултимилионска парична измама.
И покрај тоа, Могилевиќ слободно живее во елитен кварт во Москва со својата сопруга и трите деца, а благодарение на израелскиот и грчкиот пасош, слободно патува низ светот. Се шпекулира дека има и хрватски пасош, меѓутоа тоа не е потврдено.
Семион многумина го нарекуваат „Паметниот Дон“ затоа што успешно живее во сенка поради неговите добри конекции со руската, израелската и унгарската влада. Тој е „важен партнер“ во дистрибуцијата на руски гас. Една од неговите гасни компании дури и ја нарече „Братва“.
„Солнцевскаја Братва“ на глобално ниво успешно соработуваат и со други големи мафијашки организации. Во кокаинскиот бизнис партнери им се најголемите колумбиски и мексикански нарко картели, а на Далечниот исток се партнери со јапонските јакузи. Времето на италијанската мафија одамна помина, а за Русите моментално само небото е граница.