Поранешниот претседател на главната турска опозициска Републиканска народна партија, Дениз Бајкал, го обвини државното раководство дека е виновно за разгорениот дипломатски скандал со Холандија.
Во интервју за телевизискиот канал „Хабертурк“, Бајкал кажа „и мене ми е непријатно од протерувањето на министерката Фатма Бетул Сајан Каја од страна на холандските власти, но која беше причината за тоа? Кој ја втурна Турција во оваа криза? Имавме ли право? Ако навистина бевме во право зошто тогаш прифативме да ја напуштиме земјата?“
Дениз Бајкал уште додаде дека турските политичари заминале за Германија да оддржат предизборни митинзи без за тоа да вложат труд и да ги информираат локалните власти.
-Турција нема никакви основи за правдање. Случајот е многу засрамувачки.Тоа е лоша форма на државно раководство, погрешна политика и таа ќе има тешки последици, рече поранешниот опозициски лидер.
Бајкал уште посочи дека тие што ќе трпат од ваквата политика се 465.000 Турци кои живеат во Холандија, како и дека тие ќе треба да ја платат цената за погрешната политика на турската Влада и држава.
Политичарот изрази мислење дека по разгорениот скандал илузорно е да се очекува безвизен режим за турските граѓани во европските држави.
-Ние сами си го испукавме куршумот. А најголемите загуби ќе бидат во туристичкиот сектор, изјави Дениз Бајкал, кој е пратеник на главната опозициска Републиканска-народна партија.