Последни подготовки за изборот на новата влада

од Берта Китинска
184 прегледи

Утре се очекува да заседава Извршниот одбор на СДСМ, по што најверојатно во 20 часот ќе има состанок и Централниот одбор.

Мандатарот за состав на новата Влада, Димитар Ковачевски, во интерјву за МИА, прашан дали има незаменливи министри, кои ќе останат и во новата Влада, одговори дека секој е заменлив.

„Особено доколку во одреден момент повеќе не е на висина на задачата. Тоа е основен принцип на ефикасно управување и новата влада ќе се води по него. Што се однесува до новиот владин состав и ресорите со кои ќе раководи СДСМ, станува збор за тим од нови луѓе, но и докажани кадри од претходната влада кои имале добра реализација и резултати во своите ресори. Од сите нив очекувам максимално посветена работа, остварување на ветеното и фокус на приоритетите од програмата. Новата влада ќе биде високо продуктивна во работењето, посветена на економските предизивици, како и на зајакнување на животниот стандард на граѓаните. За ова да го постигнеме секој член, секој дел од овој мотор мора да функционира беспрекорно“, кажа Ковачевски.

Потпретседателката на СДСМ и директорка на УЈП, Сања Лукаревска во интервју за телевизија Канал 5, рече дека на почетокот на следната недела ќе има седница на Централниот одбор на СДСМ.

“Во моментов претседателот и генералниот секретар имаат интензивни разговори со коалиционите партнери кои одат во позитивна насока. Сепак станува збор за одредени стратешки цели кои треба да се реализираат во рамките на новиот владин кабинет. Фокусот ќе биде економијата, подобрување на животниот стандард на граѓаните, ефикасност на институциите, како и европскиот пат на земјата“, посочи Лукаревска.

Осврнувајќи се на персоналните решенија заменик претседателката Лукаревска истакна станува збор за проверени кадри кои ќе се вложат во својата работа и ќе испорачаат резултати за граѓаните и државата.

„Единствено што можам да потврдам и да кажам за јавноста е тоа дека сите кадри кои ќе бидат вклучени во новиот владин кабинет ќе бидат исправени пред големи предизвици меѓутоа станува збор за проверени кадри, искусни луѓе кои што ќе си ја знаат својата работа и кои ќе носат резултати, ќе реализираат повеќе проекти и ќе се водат според новата владината програма, во интерес на граѓаите“, порача Лукаревска.

Новата Влада се очекува да се гласа наредниот викенд на 15 или 16 јануари.