Постои ли вина кај сопственикот на „англиските мастифи“ кои усмртија 8-годишно дете?

од Nikola Popovski

Силни реакции во јавноста после трагичната смрт на 8-годишно дете од скопската населба Пинтија, кое до смрт беше искасано од две кучиња од расата „англиски мастиф“. Според последните информации, нападот се случил во боксот каде биле сместени кучињата. Сопствениците не биле дома и куќата била празна, а се претпоставува дека момчето ја прескокнало оградата и влегло во дворот каде било нападнато.

Дел од јавноста бара одговорност, но и ригорозни закони со кои се ограничуваат условите под кои се чуваат определени раси кучиња, особено оние кои се поагресивни. Сепак според експертите, за овој немил настан вина, не треба кривично да одговара сопственикот на кучињата. Кинолог во разговор за „Локално“, кој сакаше да остане анонимен, вели дека ако кучињата биле навистина затворени во бокс, па детето да влегло во дворот и го отворило боксот, нема вина кај сопственикот.

Англиски мастиф

-Жално и катастрофа е тоа што се случи, но доколку детето влегло во боксот, тоа е веќе друга работа. Мислам дека нема вина кај човекот, ни вели кинологот.

Тој е дециден дека треба поголема едукација кај граѓаните, за да не се случуваат вакви трагедии во иднина.

-Гледам и по улица како се однесуваат некои граѓани со кучињата. Има различни, има хумани, но и нехумани луѓе. Има и кучиња кои што не прават ништо, а луѓе ги напаѓаат и тепаат, смета кинологот.

Според него, не е потребен регистар, ниту забрана за чување на „опасни“ раси кучиња.

-Ако се чуваат дома кај сопственикот, нема потреба од забрана. Ако е соодветно направено во боксови, нема потреба од некаква забрана на поединечни раси. Може на пример, ако има кучиња од тој тип на раси, може некој данок да плаќа на државата. Така ќе има поголема одговорност, порачува соговорникот.

Се согласува со познавачите на ваквите состојби дека ниедно куче не се раѓа агресивно, туку ја добива агресијата од своите сопственици.

-Точно е дека ниту едно куче не се раѓа агресивно. Сепак има сопственици што прават борби и ги има многу во последно време. Порано правеа со пит були, сега прават со кучиња од расите „кангал“ и „азијат“. Треба да се казни, не е хумано, ниту добро. За жал, прават повеќе по селата, особено во Западна Македонија. Такви борби се прават скоро секој ден. Масовно ги чуваат за борби, нема некој што ги чува од љубов, ни рече кинологот.

Агенција за храна и ветеринарство

Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) вчера информираа дека кучињата се изолирани и ставени под надзор на ветеринар. Додаваат дека биле уредно идентификувани со микрочип, а официјален ветеринар ќе го испитува случајот и ќе врши проценка на околностите под кои се случил инцидентот. Согласно одредбите на Законот за заштита и благосостојба на животните, во поглед на држење на опасни кучиња сопственикот или одговорното лице за опасно куче треба да обезбеди услови за држење на животното соодветно за расата, потребите и карактеристичното однесување, при што вклучително треба кучето да го чува во заграден простор или врзано и при движење кучето да го врзе на поводник и да му стави заштитна маска. Опасните кучиња при движење треба да бидат придружувани од полнолетно лице.

Н.П.

Слични содржини