Шилегов апелираше до граѓаните да не ги користат возилата без потребата и да се користи јавниот превоз.

Бесплатен јавен превоз од денеска во автобусите на ЈСП и со приватните превозници и истиот ќе трае се до моментот на намалување на загадувањето. Се прекинуваат и градежни активности на градилиштата под надлежност на градот Скопје. Ова се дел од мерките кои ги воведуваат градските власти соопшти градоначалникот Петре Шилегов.
Тој апелираше и до сите градоначалници во скопските општини да ги прекинат активностите на градилиштата што се во нивна надлежност. До граѓаните пак, апелираше да го користат јавниот превоз.
Градоначалникот го задолжи и Јавното претпријатие Комунална хигиена да го продолжи интензивното чистење и миење на градските улици и булевари, да врши зајакната контрола на имателите на одобренија за доставување стока преку Инспекторатот на Град Скопје, а воедно го повикува и Министерството за внатрешни работи да спроведе засилени контроли на фирмите кои поседуваат одобренија за доставување стоки издадени од градот.
– Борбата против аерозагдувањето бара поголема вклученост од сите нас затоа што во крајна линија сите дишеме ист воздух. За таа цел ги замолувам сите сограѓани сериозно да им обрнат внимание на овие мерки и препораки со цел да можеме да дишеме почист воздух. Доколку сите се откажеме барем од еден мал дел од нашиот комодитет, резултатите ќе почнат да се гледаат многу брзо. Секој од нас има право да дише чист воздух, а обезбедувањето на тоа право е наша заедничка должност и обврска – изјави Шилегов.