Познат инфектолог објасни зошто основните училишта треба да работат, а средните да бидат затворени

од Берта Китинска
433 прегледи

Познатиот грчки инфектолог и претставник на кризниот штаб, д-р Сотирис Циодрас, на прес конференцијата на која беше најавено целосно затворање на Грција од саботата во 6 часот, објасни зошто основните училишта ќе продолжат да работат, а средните не.

– Секое затворање на училиште има големо влијание врз ученичката популација. Морам да бидам искрен и да кажам дека нема голема флуктуација кај помладата популација, но бевме изненадени од мало зголемување на ширењето на вирусот кај ученици постари од 16 години.

Како што истакна д-р Циодрас, ваквите мерки не биле донесени затоа што на децата им е тешко да го толерираат вирусот, туку затоа што имаат важна улога во неговото пренесување.

– Забележавме дека растот на ширењето на вирусот започнува веќе во 10-та или 12-та година. Затоа ќе дозволиме работа на основните училишта, иако тоа не значи дека и таму нема да има пренос. Не смееме да ги затвораме затоа што тоа може да има психолошко влијание врз децата. Меѓутоа, бидејќи децата на возраст од 16 до 18 години имаат поголема преваленца на вирусот, токму во таа популација дојдовме до големо зголемување на позитивните случаи што сакаме да ги спречиме. Повторно велам, не затоа што ќе има нешто за нив, туку затоа што тие можат да им го пренесат на постарите членови на семејството – заклучи тој и додаде дека средните училишта ќе слушаат часови на телевизија.