Познат производител на електрични возила започна да отпушта работници

од Stefanija Kuzmanovska

Производителот на електрични возила Rivian соопшти дека отпушта шест отсто од својата работна сила во САД во обид да го зачува протокот на готовина додека се подготвува за можна ценовна војна во индустријата за електрични автомобили.

Во писмото до вработените, извршниот директор Ар Џеј Скеринџ рече дека примарна цел на компанијата мора да биде подобрување на оперативната ефикасност и дека намалувањето на бројот на работници нема да влијае на производството. Компанијата, која има 14.000 вработени, ќе се фокусира на зголемување на производството на комбињата за испорака што ги прави за „Амазон“, како и на развивање на својата платформа за помали возила, пишува американски Си-Ен-Ен.

Оваа компанија има договор со „Амазон“ за испорака на 100.000 доставни возила, па ги прекина плановите за почеток на производство во Европа.

Во декември минатата година, Rivian објави дека се откажува од заедничкото производство на електрични комбиња со Mercedes. После тоа, германскиот производител на автомобили одлучи да изгради фабрика во Полска, што требаше да биде нивна заедничка инвестиција.

Rivian излезе на берза преку успешна иницијална јавна понуда кон крајот на 2021 година, собирајќи речиси 12 милијарди долари. Но, акциите на автомобилскиот производител со седиште во Калифорнија оттогаш изгубија речиси 90 отсто од нивната вредност, што ја натера компанијата да ги преиспита плановите за проширување додека работи на профитабилност.

На Rivian му останаа околу 13,8 милијарди долари во готовина на крајот на септември, откако забележа загуба од 5 милијарди долари во првите три квартали од 2022 година. Компанијата минатиот месец соопшти дека е малку под целта за производство на 25.000 возила во 2022 година.

Неодамнешните намалувања на цените на електричните автомобили од страна на Tesla и Ford доведоа до загриженост дека и други производители на автомобили може да бидат принудени да ги намалат цените на електричните возила во услови на растечка конкуренција на пазарот.

Слични содржини