Пратениците денеска во Комисијата за избори и именување расправаа за барањето на поранешната Сепцијална јавна обвинителка, Катица Јанева да добива апанажа по завршувањето на функцијата шеф на СЈО. За барањето на Јанева, пратениците – членови на Комисијата за избори и именување едногласно изгласаа да не и се даде апанажа.
Претседателот на комисијата за избори и именување, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски рече дека не би требало да и се даде апанажа на поранешната Специјална јавна обвинителка, Катица Јанева, не само поради случајот „Рекет“, туку и поради одредени нејзини постапки, а како пример даде уцени врз пратеници осомничени од СЈО.
„Треба да има образ, чест и морал дали да побара. Не сакам да не ставате во пакет дека сме биле уценувани пратениците, јас сум осомничена во случаи на СЈО, никогаш не сум била под притисок“, рече пратеничката од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова.
Димовски пак, рече дека бил предмет на уцена и дека од него било барано да гласа за одредени закони во Собранието.
„Моралот е важен кога се покренуваат барањата за апанажа, односно остварување на плата по завршување на мандат на функција избрана во Собранието со цел додека да најде работа, човекот да се снајде. Дрскоста на екс Специјалната јавна обвинителка да побара апанажа од ова Собрание, покрај сета поддршка што ја имаше од јавноста, од меѓународната заедница, па и од мене лично, ми покажува дека имаме проблем со бирање на личности. Мене ми е жал што денеска морам да констатирам уште една дрскост и покрај тоа што гледаме што се се лучува во судскиот процес“, рече пратеничката од владејачката СДСМ, Ивана Туфегџиќ, по што Илија Димовски рече дека Јанева има граѓанска обврска да ја зборува вистината за да се знае кој се го злоупотребувам јавнообвинителскиот систем.