Пратениците на седница ќе го гласаат Законот за минимална плата

од Aleksandar Todeski
196 прегледи

Пратениците утре на пленарна седница ќе го гласаат Предлог-законот за минимална плата, според кој од декември годинава фирмите треба да почнат да исплаќаат минимална плата од 14,500 денари.

Покачувањето, како што рече премиерот Зоран Заев се должи на успешноста на првото покачување на минималната плата, од 9.000 на 12.000 денари.

Предложениот закон за минимална плата наиде на блокада од опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, кои одбија да дискутираат на комисијата за труд и социјална политика, како за минималната плата, така и за зголемениот број на обештетени стечајци.

Казните за фирмите кои не исплаќаат минимална плата се поделени според големината на правното лице.

„Глоба во износ од 300 до 400 евра во денарска протввредност ќе му се изрече за прекршокот на микро и мал работодавач- правно лице, глоба во износ од 500 до 600 евра за среден работодавач – правно лице, глоба во износ од 800 до 1000 евра во денарска противвредност за голем работодавач- правно лице, ако на вработените не им исплати минимална плата и придонеси од плата согласно овој закон“, стои во Предлог-законот за минималната плата.

Предвидени се казни и за одговорното лице во фирмите, рангирани исто така според големината на фирмата.

„Глоба во износ од 150 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршокот од ставот (1) на овој член на одговорното лице во правното лице кај микро и мал работодавач, 300 евра во денарска противвредност кај среден работодавач и 400 евра во денарска противвредност кај голем работодавач“, пишува во Предлог-законот.

 

Слични содржини