Пратениците расправаат за одземањето на имунитетот на Вељаноски

од desk2
Собранието вечерва на седница ја почна расправата за одземање на имунитетот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Вељаноски, што беше на барање на Основен суд Скопје I Скопје, Одделение за организиран криминал и корупција поради постоење на основно сомнение дека е сторено кривично дело-Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

Барањето за одземање на пратеничкиот имунитет на Вељаноски следи откако тој заедно со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски во средата беа приведени на распит поради сомнение дека се дел од организаторите на настаните од 27 април. Вељаноски тогаш се повика на пратеничкиот имунитет, а вечерва не е присутен на седницата.

Елизабета Канчевска Милеска, координатор на групата осум пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои ги поддржаа уставните измени, побара едночасовна пауза, бидејќи дури во седум часот ја добиле информацијата дека вечерва ќе се одржи седница.

Пратениците од власта и опозицијата спореа околу тоа дали има основ да се свика оваа седница, со оглед на тоа што надлежната Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, не донела заклучок со мнозинство гласови, односно четворица пратеници предложија одземање на имунитетот, а четворица биле против. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека правно Собранието нема за што да расправа затоа што немало заклучок од Комисијата, а власта нагласуваше дека седницата за одземање на имунитетот е закажана согласно Деловникот.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски во текот на расправата изјави дека одлуката за одземање на имунитетот е донесена на друго место, а како што рече „тука треба да се изврши само егзекуцијата“.

-Продолжувате со тема за која рековте дека треба побрзо да се заборави, за која формиравте и тело за помирување кое нема да си ја заврши работата. Вам пратеници од СДСМ интенцијата не ви е да има помирување во Македонија, туку да работите на начин својствен и познат за вас. Колегата Трајко Вељаноски беше повикан да даде изјава во јануари 2018, дал изјава во обвинителството, на која се пријавил, бил пруситен. Потоа беа поднесени обвиненија и обвинителен акт за 33 лица,меѓу кои не беше Вељаноски, рече тој.

Ги праша пратениците од СДСМ зошто тогаш не поднеле обвинение, кога биле обвинети 33-те лица и додаде дека смета дека одговорот е дека немале цврсти докази, а сега им треба „сензација, арена во која ќе фрлите други луѓе и ќе го презентирате на јавноста тоа како врв на достигнувањата на СДСМ“.

Напомена дека овој парламентарен состав по осми пат расправа за одземање имунитет на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. -Или во две години имаме на три месеци расправа за имунитетот. На 25 отсто од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и е одземен имунутетот, додаде Мицевски и нагласи дека ваквото однесување може да ја натера опозицијата да го размисли своето учество во реформските процеси.

Пратеникот од СДСМ и претседател на надлежната Комисија, Павле Богоевски истакна дека Комисијата не е таа која цени барање на суд и изрази изненадување од ставање под знак прашање на реформските процеси.

Додаде дека се поставува според барањето на судот и Собранието нема право да ги попречи судските процеси.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ со забелешка дека Комисијата не донела заклучок. -Што ќе стави сега Џафери на гласање, има извештај, ама нема предлог-заклочок. Штом нема предлог-заклучок од комисија нема точка, рече тој.

Пратениците од СДСМ се повикаа на Деловникот. Во членот 53 ставот пет се наведува дека претседателот на Собранието, барањето за одобрување на притвор, односно известувањето дека пратеникот е притворен веднаш го доставува до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања. Комисијата е должна да го разгледа барањето, односно известувањето и во рок од два дена да достави извештај до претседателот на Собранието.

-А претседателот на Собранието во рок од три дена закажува седница на која се носи одлука. Комисијата не носи одлука, оттаму вашето тврдење дека одлуката е донесена на Комисијата не е точно бидејќи тоа не е согласно Деловникот, изјави пратеничката од СДСМ, Снежана Калеска Ванчева, која е потпретседател на надлежната Комисија.

Џафери побара од пратениците да престанат да го толкуваат Деловникот, оти тоа не е во нивна надлежност и нагласи дека тоа може да се прави единствено во Законодавно-правната комисија.

Според Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ обвинителството е продолжена рака на извршната власт и додаде дека „прашање на денови е кога на власта кога треба нешто да се покрие, обвинителството се активира“.

Мицевски претходно побара оваа точка да се симне од дневниот ред на седницата, бидејќи собраниската Комисија за деловни и мандатно имунитетни прашања претходно не дала мислење да му се одземе имунитетот на Вељаноски.

– Надлежната комисија на 20. седница го разгледа барање за одобрување притвор на Вељаноски, два дена работеше и расправаш, а вчера доцна вечерта на крајот со четири гласа „за“ и четири „против“ не му го одзеде имунитетот на пратеникот. Во извештајот пишува дека Комисијата не зазеде став за одобрување притвор за пратеникот Вељаноски. Ако веќе Комисијата како матично тело не зазеде став и пратениците не беа убедени дека треба да му биде одземен имунитетот, зошто е потребата денеска да дискутираме за истото или која е потребата да имаме комисии, кога сите овие работи треба да завршат тука. Ние како Комисија и колеги пратеници дојдовме до резултат четири-четири, што значи мандатот на Вељаноски останува. Барам од вас да се тргне точата од дневен ред и еднаш во ова Собрание да преовладее разумот, затоа што пред нас се реформски процеси, за кои декларативно се залагате ама одвреме на време сите овие процеси ги закочувате со методи и начини познати и практицирани само од вас, рече Мицевски.

Собранискиот спикер Тала Џафери појасни дека основа за свикување на седницата е извештајот на Комисијата и предлогот на Мицески го стави на гласање, при што беше отфрлен со 61 глас „против“.

Слични содржини