Преговорите за прекин на огнот во Газа и размена на заложници завршија без резултати

од Stefanija Kuzmanovska

Палестинците сместени во нивното последно засолниште во Газа изразуваат растечки стравувања дека Израел наскоро би можел да изврши планиран напад врз јужниот град Рафа, откако преговорите за прекин на огнот во Каиро не успеаја.

Преговорите во египетскиот главен град Каиро, во кои учествуваа САД, Израел, Египет и Катар, завршија без никаков напредок во вторникот, а датумот на следната средба не е објавен.

Преговорите заглавија околу формулата за размена – колку Палестинци бара Хамас да бидат ослободени од затворите во Израел во замена за заложници, изјавија израелски и американски претставници.

Во времето на прекинот на огнот и размената во ноември, соодносот беше 3 спрема 1. „Тајмс оф Израел“ известува дека директорите на Мосад и Шин Бет не дале предлози и биле таму за да ја слушнат понудата.

Семејствата на заложниците отидоа во Хаг за да поднесат тужба против Хамас за злосторства против човештвото. Околу 134 заложници се уште се во рацете на Хамас. Според информациите на израелската армија, 20 од нив загинале, а Хамас не им ги предава телата.

Неуспехот да се постигне договор им нанесе нов удар на повеќе од милион Палестинци во Рафа, во близина на границата со Египет, каде што многу од нив живеат во шатори и импровизирани засолништа откако избегаа од израелските бомбардирања од другите делови на Газа.

Израелската војска наведе дека сака да ги истера исламистичките екстремисти од нивните засолништа во Рафа и да ги ослободи заложниците кои се држат таму откако Хамас го нападна јужен Израел на 7 октомври, но не даде детали за предложениот план за евакуација на цивили.

Тел Авив тврди дека презема чекори за минимизирање на цивилните жртви и ги обвинува борците на Хамас дека се кријат меѓу цивилите, вклучително и во болниците и засолништата, што Хамас го негира.

Слични содржини