Запирањето на испораката на руски гас преку Украина ќе ја чини Европа 120 милијарди евра во периодот 2025-2026 година. Словачка ќе ја процени ситуацијата со гасот на 1 јануари и ќе ја разгледа можноста за одмазднички мерки, вклучително и прекин на испораката на електрична енергија за Киев, изјави словачкиот премиер Роберт Фицо, пренесе „Спутник“.
– По 1 јануари ќе ја процениме ситуацијата и варијантите на одмазднички мерки против Украина. Доколку стане неизбежно, ќе го прекинеме снабдувањето со електрична енергија што итно и треба на Украина, или ќе договориме друг метод – рече тој во видео-обраќањето објавено на социјалните мрежи.
Во текстот се потсетува дека договорот за транзит на руски гас преку Украина до Европа, кој беше склучен во 2019 година, истекува на 31 декември, а Киев најави дека нема да биде продолжен.
Минатата недела Владимир Зеленски ја отфрли можноста за транзит на гас дури и ако го купат трети лица.
Фицо, исто така, рече дека прекинот на испораката на руски гас преку Украина ќе ја чини Европа 120 милијарди евра во следните две години.
– Во текот на 2025 и 2026 година одлуката на Зеленски ќе ја чини ЕУ околу 50 милијарди евра само за гас, а уште 70 милијарди евра кога станува збор за електричната енергија произведена со помош на гас. Неверојатни 120 милијарди евра ќе плати Европа за прекин на испораката на руски гас преку Украина, а преку Словачка до други земји – нагласи словачкиот премиер.
Тоа ќе доведе до зголемување на цената на гасот во Европа, што дополнително ќе ја ослаби европската економија.
Словачкиот премиер рече и дека разбира оти Зеленски е под притисок, но дека тој не е негов слуга и дека може самостојно да го каже своето мислење.
– Господине Зеленски, го разбирам притисокот под кој сте. Разбирам дека Западот ви дава практично се што ќе побарате од свои интереси, но јас не сум ваш слуга кој не може да го каже своето мислење и кој е должен само да ви помогне и да не очекува ништо за возврат – рече Фицо.