На сцената „Љуба Тадиќ“ во Југословенскиот драмски театар (ЈДП) во Белград вечер премиерно ќе биде изведена претставата „Ајнштајновите соништа“ во режија на Слободан Унковски. Драматургијата е на Русомир Богдановски, а композитор е Златко Ориѓански.
Со „Ајнштајновите соништа“ на Унковски ЈДП ја отвара сезоната. Претставата е базирана на романот на Ален Лајтмен, американски физичар и писател, кој се занимава со различни аспекти на времето и кој ќе присуствува на премиерата на преставата. Претставата го следи познатиот научник на имагинарно патување со брод од Европа до Америка, каде што со неговите спомени бега од фашизмот.
– Сакав да работам на овој текст уште во 1990-тите, веднаш штом се појави. Со Русомир Богдановски ја развивме комплетно драматизацијата по дозвола од Лајтмен за да можеме да ја користиме неговата новела на начин што нам ни одговара. Проектот е возбудлив, но исто така и неизвесен, различен од се досега, изјави Унковски.
Според него, претставата е дел од светскиот тренд – поврзување на уметноста со науката. – Таа е и возбудлива приказна за животот и за љубовта. Трагикомедија на еден поинаков начин, рече Унковски.
Некои од најуспешните претстави на Југословенскиот драмски театар се на Слободан Унковски. Тој ги режираше „Хрватскиот Фауст“ и „Буре барут“. Костимите во претставата се на Лана Цвијановиќ, а сценското движење на Димитрос Сотирију. Актери се Радован Вујовиќ, Анита Манчиќ, Бранко Цвејиќ, Наташа Тапушковиќ, Марија Вичковиќ, Милена Живановиќ, Вучиќ Перовиќ и други./МИА