Препирки во Левица, но и напади кон неа: „Пад на партијата може да се случи само во два случаи“

од Nikola Popovski
1,K прегледи

Бурни случувања на политичката сцена, особено околу редовите на Левица. Откако исклучија тројца членови на партијата, што е трет судир во самото раководство откако се основани, како што велат, со цел да превенираат обиди за роварење на надворешни структури поддржани од ВМРО-ДПМНЕ, стигнаа и напади од партијата на Христијан Мицкоски, но и од СДСМ. Тимчо Муцунски предупреди дека глас за Левица на овие избори ќе значи глас за СДСМ, додека Маричиќ од владеачката партија истакна дека ВМРО-ДПМНЕ и Левица се две страни на ист медал и нема разлика во ставовите помеѓу нив. Од Левица се децидни дека немаат раскол во редовите и уверуваат дека „долга е раката на ВМРО и длабока државотворноста на СДСМ, а широка им е коалицијата“.

Постои ли страв од најголемите македонски партии за одлевање на гласови?

Дел од јавноста смета дека она што го покажуваат релевантните анкети ја покажува состојбата најреално и кај кого се одлеваат гласовите. Според политичкиот аналитичар, Александар Ристевски, тоа што одредени структури од политиката критикуваат една или друга политичка партија е сосема легитимно и е дел од политичкото живеење, особено кога се креира или расте политички субјект кој претендира да биде своевидна трета опција, загрозувајќи го статусот на ДУИ, како таква, само без етничкиот предзнак.

Александар Ристевски

За Ристевски, реториката и пораките на лидерот на Левица, Димитар Апасиев, ќе бидат непроменети, се додека истите „проаѓаат“ и привлекуваат нови гласачи и поддржувачи.

-Доколку тоа е така, добро е и да се прашаме што предизвикало во општеството што екстремната реторика носи гласови. Секако дека овој пристап е негативен и го поларизира општеството, за кавга мора да има двајца, а некој очигледно долго време ја дразнел јавноста за да оваа реторика денес има своја публика, вели соговорникот за „Локално“.

Оценува дека Левица изминатите години беше во раст, а до кога тој раст ќе трае е прашање на време и на исцрпување потенцијалот на, како што вели, базенот од кој се полни.

-Секако дека напуштањето на политичкиот субјект на важни чинители, посебно на носители на функции може негативно да влијае, а самите избори ќе бидат лакмус за тоа дали растот запрел или продолжил. Сепак, пад ќе се случи во два случаи. Доколку во догледно време не дојдат на власт, или доколку добијат на власт и не покажат резултати и разочараат. Локално добија директорски места пред се во областа на културата во Град Скопје. Во главно, својата активност ја тераат преку советниците во советите, и членови во управни и надзорни одбори. Какви им се резултатите и успесите, јавноста нека суди, порачува аналитичарот.

На прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ може да остане „најоштетена“ од Апасиев и Левица по овие избори, или на крајот ќе си подадат рака, Ристевски не смета дека партијата на Христијан Мицкоски е најоштетена од Лeвица.

-Да, има ликови кои биле членови или поддржувачи на ВМРО ДПМНЕ од пониските ешалони, но тој број е маргинален во споредба со базата на таа партија. Патем, концептуалната и идеолошката разлика е голема за да може да привлече поголем контингент на гласови. Многу повеќе Левица привлекува незадоволни левичари кои гравитирале кон СДСМ и општо незадоволно население кое или не гласало или барало по цврсти национални политики, додава тој.

Дециден е што ќе биде по изборите е прашање на бројки во бројот на пратеници, но и преговарачки способности и капацитет за правење отстапки.

-Ќе видиме на 9 мај, кои ќе бидат бројките и се ќе ни биде многу појасно. Сепак судот е во рацете на народот, потенцира аналитичарот.

Секако дека двете партии се плашат од одлевање на гласови на сметка на нивните конкуренти. Во случајот на Левица, мислам дека нивниот потенцијален гласач е повеќе сличен со оној на ВМРО -ДПМНЕ, значи патриотскиот т.е. националистичкиот десен гласач – тука е натпреварот и можноста за одлевање на гласови, вели аналитичарот Бесим Небиу во разговор за „Локално“.

Бесим Небиу

Од друга страна, додава тој „одработување“ е етикета  која е несоодветна во една демократија и е резултат на нашиот двопартиски систем во кој ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ доминираат во политичката сцена веќе триесет години. Во нормална демократија, секоја партија си работи и одработува за своја сметка.

Според Небиу, Левица е дежа-ву во политичка смисла, виден во скоро сите земји во Европа и соседството.

-Класичен популистички настап со многу фолклор, демагогија и политички театар. Се служи првенствено со антагонизирање и подбуцнување на етничка и култуоролошка основа, гладен за внимание кое го генерира преку медиумски акробации. Иако претендира на левичарска идеологија и симболи, всушност е проруска ултра-десничарска партија. Во принцип нивниот таргет се етничките Македонци  од националистичка провиниенција кои се разочарани од двете големи партии, оценува соговорникот.

Смета дека на овие избори Левица ќе откине дел од деловите на десницата, колку и да звучи тоа чудно. Небиу очекува дека ќе има поголем број на пратеници и гласови во однос на последните избори.

Објаснува дека ВМРО-ДПМНЕ може да остане „најоштетена“ од Апасиев и Левица по овие избори.

-Да, точно така. Во битката против Апасиев и Левица – ВМРО не смее да тргне премногу кон центарот, и држејќи се надесно треба да се натпреварува за десниот гласач со Левица, истакнува Небиу.

Н.П.

Слични содржини