„Претера со алкохолот, упати погрдни зборови кон Клементина“: Детали за убиството на ракометарот Тот

од Nikola Popovski

Денеска продолжи судењето за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот, кој беше претепан до смрт пред дискотека во скопскиот Градски парк.

На денешното рочиште сведочеше Мартин Ѓорѓиевски, кој заедно со обвинетите Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски бил излезен вечерта кога се случил конкретниот настан.

Сведокот посочи дека добро го познавал Денис Тот и неколку пати му нагласил дека претерал со алкохолот.

-Му ја подадов јакната за да си одиме бидејќи ние седевме во горниот дел, а тој долу начека една маса со девојчиња и таму беше. Го повикав, дојде, ја зема јакната, ја испи последната чаша на екс. Во холот каде што се наплаќаат картите се поздравивме и бидејќи сите бевме од Волково и немавме толку финансии да си плаќаме такси секој посебно, а јас мојата кола ја имав оставено пред кафаната „Две капки“, се договоривме ние што сме од Волково да одиме до мојата кола со таксито и од таму да ги префрлам сите, рекол тој во своето сведочење.

Мартин Ѓорѓиевски посочи дека излегол прв, видел такси пред вратата и прв влегол во него.

– Јас бев позади совозачот, потоа мислам дека Анџело седна до мене на средина, а Клементина влезе од левата врата. За да седне и Виктор, Клементина се префрли кај Анџело во скут. Денис влезе во таксито и му кажавме да излезе, бидејќи чекаме да влезе другар, но тој упорно се пикаше во колата и почна да упатува погрдни зборови кон Клементина: „што сакаш ти курво мала“ и кон Анџело: „ти да ќутиш“. Анџело му рече: „полека малку, смири се“, а Клементина му нагласи: „излези, не е за тебе местото“. Тој дел од секундата почна некоја си турканица внатре во таксито и имаше напад кон Клементина и Анџело од страна на Денис, раскажал Ѓорѓиевски.

Основното јавно обвинителство Скопје ги гони обвинетите Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски за кривично дело „убиство“ од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот.

– По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај оштетениот најпрво настанала коматозна состојба, а следниот ден починал, се вели во соопштението од Обвинителство објавено на 21 јули годинава.

Процесот го води судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, а застапник на обвинението е обвинителката Тања Трајчевска.

Слични содржини