Претстојната грејна сезона ќе го стави на тест енергетскиот систем чија кондиција е далеку од розова

од Vladimir Zorba
85 прегледи

Иако на само неколку недели од претстојната грејна сезона, отворените дилеми околу степенот на подготвеност на нашиот енергетски систем остануваат отворени. Во исчекување на одговорите околу тоа дали ќе има доволно јаглен, дали со постоечките капацитети ќе се произведе доволно електрична енергија и дали електричната мрежа ќе биде стабилна, она што единствено останува извесно е дека работите ќе станат многу појасни на почетокот на грејната сезона.

Метеоролозите најавија дека временските прилики за оваа зима ќе бидат мешавина од екстремно студени и неочекувано топли периоди, што ќе го стави на тест целокупниот енергетски сектор, а со тоа и подготвеноста на инситуциите да се справат со зголемена побарувачка за електрична енергија за греење  и можни прекини во електроснабдувањето.

За професорот од машинскиот факултет, д-р Ристо Цицонков работите се далеку од розови. За „Локално“ тврди дека во Македонија  моментално има енергетски хаос, а во  прилог на ваквата оценка наведува неколку аргументи. Според него, термоелектраните на јаглен треба да се затворат, но, од друга страна, како што вели, немаме алтернатива за стабилно производство,додека  производствената цена на електрична енергија е скапо. Оттука како единствено решение  ја посочува потребата од впрегнување на  сите сили на РЕК Битола. Ова од друга страна, алармира Цицонков, не значи дека треба да се чека 2050 за изградба на нови капацитети.

„Иако кај нас во фокусот е електричната енергија, во тој поглед државата речиси не може да направи ништо значајно бидејќи нема нови капацитети за производство на електрична енергија од стабилен карактер. Има зголемени инвестиции за фотонапонски централи, но тие не произведуваат кога нема сонце. Поголемиот дел од граѓаните се греат на дрво. Во одредени случаи дрвото е обновлив извор на енергија, но не смее да се користи како сега кај нас. Базното производство на електрична енергија е главно во термоелектрани на јаглен, а тие се многу стари и во лоша техничка состојба, а и резервите на јаглен од постоечките рудници се веќе исцрпени и се со многу слаб квалитет. Затоа, имаме и увоз на јаглен. Се спомнуваат нови копови на рудници (Живојно, …), но за сега нема ништо од тоа. Производството на електрична енергија со увозен јаглен е скапо. Производната цена е над 120 €/MWh, а таа е често повисока од берзанската цена на ел. енергија. Значи работа со загуба. Од аспект на заштита на животната средина, јас сум за затворање на термоелектраните на јаглен во РМ. Но државата нема алтернатива за стабилно производство во блиска иднина и ќе треба да троши големи финансиски средства за увоз на електрична енергија во периодите кога нема сонце (и ветер)“, вели Цицонков.

Коментирајќи го крајниот термин до кој треба да заврши енергетската транзиција во Македонија, Цицонков се осврнува на последната изјава на министерот Меџити кој спротивно на сите очекувања порача дека  2050  е целната година.

„Во Стратегијата за енергетски развој на РМ до 2040 година пишува дека термоелктраните на јаглен ќе бидат затворени до 2025 година, но тоа е неостварливо. Во документ на Владата од декември 2023 година („Национално утврдени придонеси“) е предвидено малку одложено затворање до 2030 година. А во изјава на министерот за животна средина Меџити одложувањето е до 2050 години. Коментар не е потребен!“, смета Цицонков.

Иако државата е со релативно врзани раце во однос на тоа што може да стори, професорот аплеира најитно да се почнат изградби на капацитети за базно производство на електрична енергија како  ХЕЦ Чебрен, две или три когенеративни термоцентрали на природен гас во Скопје со капацитет од околу 200 мегавати електрична моќност и две до три со капацитет од околу 40 мегавати, на пример во Битола, Тетово и др.

Како особен предизвик, Цицонков ја посочува  и состојбата со градското централно греење, која во моментов има огромен број непознати моменти, пред се поради спорните релации  на скопската градоначалничка со надлежните институции

„Системот за градското централно греење (т.н. парно) има капацитет да ги задоволи потребите за греење, но при многу ниски температури потребна е додатно вклучување и на Те-То. Понекогаш се јавуваат технички проблеми, но тие можат да се решат ако ЕСМ Снабдување со топлина има обучен кадар. Дали имаат направено договори за снабдување со природен гас не ми е познато, тука треба умешност да се купува гас од берзите кога е најповолно“, вели Цицонков. 

Во оваа насока објаснува дека централниот систем за топлификација, би требало да има координација внатре во единиците на ЕСМ Снабдување со топлина. Сепак, според него, работите се сосема спротивни, односно ситуацијата е обременета поради отежнатите  координации со Градот Скопје, што се потврди и со  проблемите со поставување на цевководите под мостот Беласица.

К.В.С.

Слични содржини