Судии на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување мерки за обезбедување присуство за 6 лица кои во текот на ноќта беа спроведени во судот, а поврзани со полициската акција во с. Грчец, донесоа решенија со кои:
Прифатен е предлогот на ОЈО за организиран криминал и корупција и на : ШБ., Ф.Б., Н.И., Ф.С., и С.А. им определи мерка притвор во траење од 30 дена, додека за О.П. го прифати предлотог за определување мерки за претпазливост односно Одземање на патна исправа и забрана за издавање нова, Забрана за напуштање живеалиште односно престојувалиште и Обврска за јавување во суд.
Воедно судот го прифати предлогот и определи мерка притвор за 10 лица кои се опфатени со истрагата, а во моментов не се достапни на органите за прогон и тоа од нивно пронаоѓање односно лишување од слобода.
Против овие решенија странките имаат право на жалба до Кривичниот совет на овој суд.
Групата се занимавала со шверц на дрога и извршувала убиства. Спасовки рече дека групата транспортирала 435 килограми кокаин од Бразил до белгиското пристаниште Антверпен, како и 106 килограми кокаин од Перу до холандското пристаниште Ротердам. Групата шверцувала дрога од Белгија во Македонија и од Албанија во Македонија.
Осомничените од криминалната група ја користеле апликацијата за енкриптирана комуникација „Скај“, која што беше исклучена во 2021 година на барање на американските власти, а веб сајтот беше запленет од ФБИ.