Пробиштипско Лесново ќе биде прогласено за прв Гео парк

од desk2
100 прегледи

Лесново ќе биде првиот Гео парк во земајва под заштита на УНЕСКО. Националниот експерт за туризам Ивица Милевски вели дека иницијативата е во почетна фаза, а се турка заедно со Центарот за развој на Источно-планскиот регион и општина Пробиштип. Просторот со раритетните форми и траги на вулканизам веќе го посетиле стручњаци од други Гео паркови во Европа.

– Лесновскиот простор е доста интересен поради тоа што има доста сочувани траги од некогашен вулканизам. Сочувани форми кои се раритет не само во Македонија и на Балканот, туку и пошироко. Самиот кратер, купите околни, вулканските бомби итн. Ние имавме некои посетители, па и колеги од западните земји. Тие се воодушевени она што можеле да го видат само пет или десет километри на тој мал простор, вели Милевски.

Леново карпи

Прогласувањето на живописното Лесново за прв Гео парк ќе значи и поголем развој на руралниот туризам. Токму Зоран Петров од НВО „Илински врв“ од Лесново, кој заедно со семејството веќе една деценија се занимаваат со селски туризам забележува дека оваа иницијатива ќе значи и поголем број гости, но и подобро да се живее од овој вид туризам.

– Ние знаме дека во нашата околина Гео парк имаат само Хрватска и мислам Бугарија, Србија сега е во тек, во фаза да добие. Значи тоа не е инекција, туку бомба ќе биде и за туризмот и за нас како невладини здруженија или што работиме селски туризам за пристап на европските фондови. Во секој случај многу ќе значи, вели Петров.

Лесновски манастир

Тој истакна дека се единствено семејство во овој регион, кој навистина се занимава со селски туризам. Одгледуваат самите стока и земјоделски производи, а на туристите од Јапонија, Америка, Австралија, Нов Зеланд и од европските земји им нудат македонски специјалитети приготвени на традиционален македонски начин или по рецептите на бабите. Петров вели дека засега тешко се егзистира од руралниот туризам, а со оваа дејност ќе продолжи и неговиот син, кој пред една недела и дипломирал на Факултетот за туризам во Штип на отсекот рурален туризам. Но шансата за подобра егзистенција ја гледа во прогласувањето на Лесново за прв Гео парк во земјава под заштита на УНЕСКО.