„Проблематизирање на изборниот резултат или стратегија за подигнување на гласачкото тело“: Дали ВМРО-ДПМНЕ добива или губи со (не)учеството во техничката влада?

од Nikola Popovski
461 прегледи

Кому е потребна Пржинската влада: „ДУИ ќе се фали дека благодарение на нив го добивме првиот Албанец премиер, ВМРО-ДПМНЕ кова стратегија за повеќе гласови доколку не учествуваат“

Дали Џафери е најлогично решение за технички премиер: „Има искуство и можеби е кандидат што нема да покрене поделба кај крилата во ДУИ, иако можеше да се одбере помлад кадар“

„Проблематизирање на изборниот резултат или стратегија за подигнување на гласачкото тело“: Дали ВМРО-ДПМНЕ добива или губи со (не)учеството во техничката влада?

Претседателот на Собранието, Талат Џафери е „најлогично“ решение за технички премиер бидејќи има искуство и можеби е кандидат што нема да покрене поделба на некои од политичките крила на ДУИ, велат политички аналитичари за „Локално“ во однос на веста што ја бранува македонската јавност последните неколку денови. Само за потсетување, техничката влада, која е формирана според договорот од Пржино ги спроведува изборите и управува со земјата во последните 100 дена пред нивното одржување. Според договорот меѓу претходниот премиер Зоран Заев и лидерот на ДУИ Али Ахмети, за кој актуелниот премиер Димитар Ковачевски најави дека ќе го поддржи и ќе поднесе оставка во предвидениот рок, следниот технички премиер мора да биде Албанец.

-Само ќе се направи ротација на државниот врв во владејачката коалиција помеѓу СДСМ и ДУИ, односно нема во очи на изборите 2 од 3 највисоки државни функции да се концентрираат во редовите на ДУИ, со што дополнително ќе се струполи рејтингот на социјалдемократите. Сметам дека толку е проформа и симболична оваа функција „технички премиер“ што апсолутно не дава на значење кое е персоналното решение. Во случајов, ова ќе биде само предизборен ПР на ДУИ дека Македонија го добила „првиот Албанец премиер, благодарение на ДУИ“ за подигнување на гласачкото тело и машинерија на вечно владејачката етничко албанска политичка партија од Мала Речица, оценува политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски.

Благојче Атанасоски

Околу евентуалното неучество на ВМРО-ДПМНЕ во Пржинската влада, Атанасоски не гледа никаква логика, од проста причина што овој механизам е воведен за контрола на евентуалните злоупотреби на владејачките партии за злоупотребите на државните и институционалните ресурси за партиски цели во предизборието.

-Напротив, ДПМНЕ како опозициска партија која постојано ја обвинува власта за кражби, треба да инститира на пополнување со свои кадри во институциите на системот предизборно, а не да е против. Се поставува прашањето дали опозицијата сака од сега да го проблематизира изборниот резултат, а со тоа и легитимитетот на спроведените избори, или пак е стратегија за подигнување на гласачкото тело преку оваа „стратегија“ со која велат дека сакаат да спречат Албанец премиер од редовите на ДУИ, посочува аналитичарот.

Според него, ДУИ е партија која е веќе депласирана и истрошена. Вели дека единствено нејзината тотална контрола на партиската администрација, медиумите и судството со свои кадри ја одржува на власт.

-Без идеологија е и затоа прибегнува кон отворен национализам секогаш кога ќе се почувствува загрозена. Апсолутно е легитимно да имаме и премиер и претседател етнички Албанец, ама е политички перфидно тоа да е од ДУИ под наметната присила на оваа партија, за да го прикаже како некаков нивен успех. Ќе ја видиме разврската наскоро во односите меѓу СДСМ и ДУИ за кратко време и како ќе се позиционираат предизборно дали ќе одат со заеднички листи , а за сметка на тоа ќе имаме и заеднички кандидат за претседател етнички Албанец, како еден широк општествен консензус за промоција на заедничкиот „европски фронт“, анализира Атанасоски.

На прашањето дали во скора иднина некоја албанска партија може да предложи свој кандидат кој ќе биде поддржан и од македонскиот блок, па да го добиеме и првиот Албанец претседател, политичкиот аналитичар објаснува дека македонската партија треба да предложи кандидати не само Албанци, туку од сите етнички заедници по мерит системот, односно по степенот на квалификативи, интегритет ,способност и принципи на кандидати за највисоки државни функции.

-На тој начин ќе ја преземат одговорноста да создадат едно граѓанско општество, и ќе се спротистават на етнотрибализмот на ДУИ и на другите етнички албански националистички партии. Едно време СДСМ тргна храбро во таа насока, не знам зошто се повлече наместо да оди до крај на создавање на силна граѓанска партија на функционери од сите етноси со знаење и капацитет. Од ДПМНЕ не очекувам такво нешто ,бидејќи во нивниот „геном“ е запишано тие да бидат исклучувачка партија во однос на се што не е етнички Македонец, особено кон заедниците со муслиманска вероисповед, истакнува соговорникот.

Дел од експертската јавност пак смета дека наместо Џафери, требаше да има ново име како кандидат Албанец премиер, односно некој од младите кадри на ДУИ за да се им отвори патот за креирање на политичка кариера и да се испрати порака дека младите треба да раководат со функциите.

Берат Азизи

-ВМРО се уште нема став околу техничката влада иако бара да се укине. Сепак не треба да бидат против кандидатот за Албанец бидејќи нема ништо тука нелегитимно или незаконски. Се знае какви ингеренции имаат министрите и премиерот во тие 100 дена влада и затоа не треба да се крева прашина околутоа прашање, вели за „Локално“ политичкиот аналитичар Берат Азизи.

Смета дека можеби утре токму ВМРО-ДПМНЕ ќе направи коалиција со некоја партија на Албанците и последните 100 дена премиерот да биде од редовите на коалицијата од албанскиот блок. Тоа е политика и не можеме да избегнеме од овие калкулацци, појаснува тој.

Азизи е дециден дека секоја партија има право до предложи свој кандидат за претседател на државата и тука нема ништо спорно.

-Но прашањето е колку има волја и подготвеност македонските политички партии да го поддржат кандидатот Албанец за шеф на држаавата. Јас не верувам дека сега има волја од македонскиот блок да го поддржат кандидатот Албанец за претседател, а во иднина ништо не можеме да предвидиме. Само ако има некој договор за формирање на влада која ке биде условувана од кандидатот, тогаш можеме да имаме кандидат Албанец, вели Азизи.

Н.П.

Слични содржини