Проф. Треновски: На 34 години независност државата се уште меѓу младоста и зрелоста – знаеме што не сакаме, но треба да решиме што сакаме…

Време е не само да ја повторуваме, туку и да ја разбереме старата лекција: синџирот е силен колку што е силна неговата најслаба алка“ – поентира професорот во ставот даден за „Локално“

од Vladimir Zorba
147 прегледи Фото: Фејсбук/Борче Треновски

Не од носталгија, туку за да извлечеме јасни лекции и да одговориме: во каква држава сакаме да живееме во следните 10–20 години – вака за „Локално“ професорот Борче Треновски ја започнува оценката за тоа каде е македонската економија во 34 години независност.

Според него темелите се поставени со монетарното осамостојување.

„Родени во турбуленции, првите години ни беа обележани со инфлациони шокови и болните „грчеви на младоста“. Девалвацијата во јули 1997, колку и да беше непријатна, ни ја покажа цената на недисциплината. По таа лекција, државата — како човек што решава да го подобри своето здравје — поставивме стабилно „кардио“: курсно сидро на денарот, најпрвин кон ДМ, а од 1995/1996 де факто кон евро. Оттогаш, монетарната политика ја гради довербата врз едно правило: предвидлива цена на парите и стабилни очекувања. Тоа е основата на начинот се уште стабилен “крвен притисок” – вели професорот.

Еве кои настани според него ја дефинираа економијата во 34 години независна држава:

Полнолетството ни дојде со траума: 2001 и Охридскиот договор. Како семејна терапија по тежок конфликт, договорот ја врати можноста да разговараме и да креираме среднорочен поглед кон стабилноста и разбирањето, да се вратиме на дискусиите за економијата и институциите. Беше поставена генерална институционална рамка за соживот, демократкска иднина и евро-атлантско приближување.

Потоа следуваа серијата интеграциски пресврти. Преспанскиот договор (2018/2019) привремено го одблокира  евро-атлантскиот пат и овозможи да станеме 30-та членка на НАТО – потврда на безбедносното сидро што ѝ треба на мала отворена економија. На европскиот пат, земја кандидат сме од 2005; по првата меѓувладина конференција во јули 2022 започна скринингот, а до крајот на 2023 беа завршени сите кластери. Следната фаза – отворање поглавја/кластери – останува условена со “проблематизираните” уставни измени и преземените договорни обврски (вклучително и од Преспа). Тоа е местото на кое сме денес…

Следуваше нов тест на нашата зрелост со глобалната финансиска криза 2008–2009 и подоцнежни политички турбуленции. Глобалната криза 2008–2009 беше првиот сериозен удар врз отворената економија што ја градевме, по што следуваат пакети мерки, раст на задолжувањето, реформи со променлив интензитет и насока. Во текот на 2010-тите влеговме подлабоко во европските економски синџири, а трговската отвореност ни се искачи на ниво типично за мали, високо интегрирани економии. Во 2022, автомобилските компоненти учествуваа со околу 46% од вкупниот извоз; во 2023  Германија апсорбираше околу 44% од извозот — комбинација што носи динамика, но и ранливост на економијата преку зависност од мал број пазари и индустрии – оценува професор Треновски.

Но економските предизвици доминираа и во изминатите години.

Пандемијата (2020/2023), конфликтот Русија-Украина и енергетскиот ценовен шок ја испробаа издржливоста на моделот- нè фрлија назад на лента за рехабилитација.. Денес, притисоците се смирени, но не исчезнати: инфлацијата во јули 2025 е 4,8% на годишна основа, просечната нето-плата во јуни 2025 изнесува 45.468 денари, а невработеноста  се спушти на околу 10-11%. Истовремено се соочуваме со демографски притисок и иселување (205 населени места без жители , а 218 со помалку од 10 жители), што укажува на неопходни реформи во здравството , образованието, системска преквалификација и продуктивни инвестиции што креираат работни места со повисока додадена вредност.

Фискалната слика е трезвен потсетник дека стабилниот курс не може сам да ја носи економијата. Дефицитот е над 4% од БДП,  јавниот долг се движи околу 60% — што значи дека просторот за антициклични маневри и потенцијал за идно справување со силни економски шокови се стеснува. Дополнително, нашата „мускулатура“ — капиталните инвестиции, сѐ уште не држи чекор со амбициите  – скромната реализација на капиталните расходи и прелевање кон тековни се сигнал дека без програмска дисциплина и транспарентно извршување, „големите планови“ остануваат хартија.

Финансискиот систем — нашата „крвна слика“ — изгледа здраво: банките се солидно капитализирани (капитална адекватност околу 19%) и ликвидни, а фиксниот курс ја држи довербата. Но банките не можат да создадат продуктивност наместо приватниот сектор — тие можат да ја финансираат, ако имаат проекти што “стојат на нозе”: чиста правна рамка, јасна економска оправданост и навремена реализација.

Квалитетот на институциите е „оперативниот систем“ на државата: од него зависи колку правилата се предвидливи, услугите достапни и брзи, а правдата еднаква за сите. Во нашата земја квалитетот на институциите и услугите останува „мешана слика“: на централно ниво има определен напредок – повеќе е-услуги, е-набавки, отворени буџетски податоци и појасно усогласување со ЕУ-аките – но јазот меѓу напишаното и спроведеното останува главната пречка. Граѓанинот и бизнисот често се соочуваат со долги управни и судски постапки, променливи толкувања на правила, нерамномерна примена на закони по институции, партизација во управувањето со јавни претпријатија и недоследно следење на ревизорските препораки. Патот напред е јасен и мерлив: стандарди за квалитет на услуги, професионализација и деполитизација, проактивна транспарентност, судска ефикасност, одговорност и казнивост. Кога ова ќе стане секојдневие, владеењето на правото од политичка флоскула се претвора во инфраструктура за раст: пониски камати, повеќе инвестиции, подобри јавни услуги – и еднакви правила што важат за сите“ – поентира професор Треновски.

На прашање  „созреавме ли“ тој поентира :

„Прашањето „созреавме ли“ има двоен одговор.? Ако зрелоста се мери со стабилен курс, здрав банкарски сектор, економска интеграција во регионот/ЕУ, НАТО-членство и отпочнато ЕУ-преговарање – да, зрели сме: ја избравме предвидливоста, безбедносната сидрена точка и европската насока. Но структурната зрелост која треба да ја донесе одржливата благосостојба — продуктивност, капитална реализација, одржлива продуктивност, ефикасни јавни расходи, квалитетни јавни услуги,  локални приходи, човечкиот капитал и задржувањето на младите дома— е „долга адолесценција“. И тука доаѓа прашањето што треба гласно да го кажеме пред 34-тиот роденден:

Во каква држава сакаме да живееме? Националната развојна стратегија 2024–2044 веќе ја запиша долгоочекуваната визија која не верувам дџека има граѓанин кој не би ја посакал: конкурентна економија со функционален и иновативен екосистем; отворено и отчетно управување; социјална инклузија со подобри јавни услуги — и тоа кон ЕУ хоризонт. Поточно – сакаме да имаме висок животен стандард, реализирајќи се во економија што е одржлива, конкурентна и нуди еднакви можности за сите. Институциите да ни бидат  ефикасни, отчетни, одговорни, иновативни и отворени за учество на нас граѓаните. Заедниците во кои живееме се зелени, безбедни, отпорни на современите ризици и опасности, инфраструктурно поврзани и дигитализирани. Овие услови придонесуваат да создадеме основа за просперитетни млади, поединци што се задоволни, среќни, здрави и луѓе што активно стареат. Уметноста, традицијата, идентитетот и културата да бидат столбовите на нашето општество и придонесуваат за подобрување на колективната благосостојба и за меѓународната перцепцијата за државата. Нашата држава да биде активен и почитуван член на меѓународните организации и на регионалните иницијативи, каде што промовира вредности, норми и процеси што резултираат во подобрување на животот на сите луѓе.

Дојдено е време  да ја разбереме често повторуваната изрека  – дека синџирот (една земја) е силен колку што е силна најслабата алка (најранливата категорија на население).

Време е не само да ја повторуваме, туку и да ја разбереме старата лекција: синџирот е силен колку што е силна неговата најслаба алка“ – поентира професорот во ставот даден за „Локално“.

Д.А.