СДСМ ги смета за „кадровски дебакл“ предлозите на Владата за нови заменици-министри во ресорите. Според партијата од „Бихаќка“, се назначуваат кадри по партиска линија без основно, елементрано познавање на областа.
-Последен пример е предлогот за заменик-министер во Министерството за внатрешни работи, Мицкоски го предлага Астрит Исеини, кој дипломирал на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, а се стекнал и со титулата доктор по Кинезиологија, како вонреден професор. Каква врска има физичкото образование, Кинезиологијата со полицијата и внатрешните работи, прашуваат од најголемата опозициска партија.
Од Владата кратко информираа дека Исеини завршил на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, а се стекнал и со титулата доктор на Науки по Кинезиологија, вонреден професор. Во моментот е вонреден професор на Тетовски универзитет и на Факултет за Биотехнички науки во Битола.
Претходно беше соопштено дека меѓу предлозите за функциите е и екс-членот на поранешната влада и генсек на ДС, Зоран Димитровски, кој е предлог за заменик-министер во МНР, додека екс-градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески е предлог за заменик во Министерството за економија.
Пратеничката Ане Лашкоска ќе биде заменичка на министерот за животна средина и просторно планирање.