Прогласена епидемија на морбили во Радишани

од Vladimir Zorba
103 прегледи

Министерството за здравство прогласи епидемија на морбили во скопската населба Радишани каде се регистрирани пет случаи на деца од предучилишна возраст заразени од ова заболување. Три од петте деца се сместени на Клиниката за инфективни болести, а останатите дечиња се на домашно лекување.

Поради ова, донесена е одлука градинката „Ташко Караџа“ која ја посетувале петте деца, да биде затворена најмалку две недели.Покрај овие пет случаи, Министерството за здравство регистрира уште еден случај на заболен возрасен маж со што вкупниот број на заболени во моментот е шест лица.

– Станува збор за болест која се превенира со вакцинација. Упатувам уште еден апел, покрај сите кампањи што ги прави Министерството за здравство, родителите да ги вакцинираат своите деца. Воедно, упатувам апел до родителите да не ги носат децата во оваа градинка. Периодот од 2 недели ќе се искористи за итна дезинфекција на објектот, а понатаму и за имунизација на сите деца кои не се вакцинирани. За жал сите заболени лица се невакцинирани, изјави вечерва министерот за здравство Венко Филипче.

Според него, опфатот со вакцинација е мал, особено во првите неколку години од животот. Најмал е опфатот со вакцинација кај децата од 1,2 и 3 години, а понатаму процентот на вакцинација расте.

– Очигледно дека не се почитува потребата да се достави вакциналниот картон при упис во градинка и во училиште. И ние ќе бидеме принудени да направиме законска промена. Ќе инсистирам на тоа, ќе направиме уште еден состанок со претставници од Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика. Невакцинирањето носи сериозни ризици од појава на епидемија, која може да има и фатални последици, а се превенира со вакцинација, истакна Филипче.

Од ресорното Министерство информираат дека во Скопје, опфатот на вакцинирани е 78  отсто за минатата година, а треба да биде над 95 проценти, додека во 2016 година, кога се родени децата кои сега се заразени со морбили, бил само 67 проценти. Лекарите апелираат родителите да ги однесат децата на вакцинација.