Производството на кафе веќе ја уништува планетата

од Vladimir Zorba

Кафето е еден од најконзумираните пијалоци во светот, но зголемената побарувачка го загрозува „здравјето“ на планетата. Екологисти и научници веќе бараат други поодржливи и поеколошки начини за производство на кафе.

„Голем дел од кафето поминува низ процес на влажно мелење во кој се користат значителни количини свежа вода за да се отстрани пулпата и да се измие кафето. Кафето потоа се суши, се пече, се транспортира и се подготвува – енергетски интензивни процеси“, велат од Центарот за одржлива земја и вода во Conservation International, пишува CNBC.

Во текот на изминатите 30 години, зголемената побарувачка за кафе доведе до зголемување на производството за 60%, според Меѓународната организација за кафе. Сепак, зголеменото производство на кафе ја уништува планетата – доведува до уништување на шумите и користење на огромни количини вода и енергетски ресурси.

Бразил е најголемиот производител на кафе во светот. Земјата забележа дека уништувањето на амазонските прашуми достигнало 15-годишен максимум, според извештајот објавен од Националниот институт за вселенски истражувања на Бразил.

Приближно 13.235 квадратни километри (дури 2.429 фудбалски игралишта) биле уништени помеѓу август 2020 година и јули 2021 година, што претставува зголемување од 22% во однос на претходната година. 140 литри вода се потребни за производство на само 125 милилитри кафе, според Water Footprint Network.

Индустријата е, исто така, ранлива на климатските промени. Само годинава во Бразил имаше мраз, суша во јуни, поради што цените на кафето арабика достигнаа седумгодишен максимум. Експертите предвидуваат дека цените ќе продолжат да растат „со оглед на моменталната нестабилност на светските пазари и неизвесноста околу производството на доминантните производители на кафе следната година“.

Затоа фински научници се обидуваат да дојдат до лабораториски одгледувана алтернатива на кафето – но технологијата за негово правење е сепак многу скапа. Техничкиот истражувачки центар VTT во Финска успешно произведе кафе клетки во биореактор преку клеточно земјоделие. Кафето одгледувано во лабораторијата на истражувачкиот центар го намалува ризикот од уништување на шумите и процесот бара многу помалку вода и тоа не за
пиење.

Друга предност е тоа што кафето може да се произведува во секое време под контролирани услови на температура, светлина и кислород. Програмите како оние на World Coffee Research and Conservation International имаат за цел да ја задоволат растечката глобална побарувачка за кафе преку зголемување на производството.

Во меѓувреме, од 12,5 милиони мали производители на кафе, најмалку 5,5 милиони живеат под прагот на сиромаштија од 3,20 долари дневно, според непрофитната организација Enveritas.

Слични содржини