Пролетни средби на ММФ и Светската банка: Одлуките и мерките на Народната банка придонесоа за јакнење на стабилноста на банкарскиот систем и за кредитирањето

Одлуките и мерките на Народната банка донесени од почнувањето на корона-кризата наваму се позитивно оценети на Пролетните средби на ММФ и Светската банка, коишто се одржуваат виртуелно. На состанокот помеѓу гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и дел од тимот на Народната банка со тимот на Одделот за монетарни и финансиски пазари на ММФ,тие беа подетално разгледани. Притоа, од тимот на Одделот на ММФ беше истакнато дека одлуките и мерките на Народната банка во целост се во согласност со очекувањата и насоките на ММФ.

Како што беше истакнато на состанокот, одлуките и мерките придонесоа за задржување на финансиската стабилност, а истовремено и за обезбедување значителна кредитна поддршка за граѓаните и компаниите. Притоа беше напоменато дека влогот на Народната банка за финансиската стабилност е очигледен, особено преку стабилноста и отпорноста на банкарскиот сектор, којшто претставува најголем дел од финансискиот систем.

За дел од мерките на Народната банка од изминатиот период беше посочено дека значително придонесоа и за подобрени услови за кредитна поддршка од банките. Сега, каматите на кредитите во нашиот банкарски систем се едни од најниските во регионот, што како што беше нагласено на состанокот, е особено важно во текот на ваквата криза. Истовремено, соговорниците разговараа и за тоа дека може да се очекува и натамошно намалување на цената на кредитите на банките, по последното намалување на основната каматна стапка на Народната банка, што ќе придонесе за натамошната поддршка на граѓаните и компаниите и економијата во целина.

Со тимот на Одделот за монетарни и финансиски пазари на ММФ се разговараше и за регулаторните измени коишто ги направи Народната банка со цел да се овозможи привремено олеснување на финансискиот товар за корисниците на кредити коишто се погодени од пандемијата. Притоа, беше посочено дека со измените се придонесе за одложување на отплатата на 44% од кредитите, што е значително повисоко од просекот во ЕУ.

Слични содржини