Промената на бројот на министерствата ќе биде првиот предлог-закон што ќе го разгледува новиот Парламент

од Nikola Popovski
1,4K прегледи

Реорганизацијата на Владата и промената на бројот на министерствата ќе бидат првиот предлог-закон што ќе биде ставен пред пратениците на разгледување во новиот парламент, изјавил новиот претседател на Собранието, Африм Гаши.

Според него, меѓу приоритетните законски одлуки е и закон со кој не би се дозволиле предвремени избори за градоначалници во општините чии градоначалници ќе одлучат да влезат во извршната власт, бидејќи следната година претстојат редовните локални избори.

„Сметам дека е погрешно и спротивно на Уставот некој да се избира на четири години, а друг да ги добива гласовите на народот на избори со мандат од осум месеци. Сметаме дека тоа е противуставно и треба да се коригира со закон кој ќе го овозможи тоа“, кажал Гаши во интервју за РСЕ.

Ддвајца актуелни градоначалници се меѓу политичарите кои би можеле да станат министри во новата влада. Меѓу пратениците кои влегоа во новиот парламентарен состав на земјава е и градоначалникот на општина Сарај, Блерим Беџети кој ја напушти градоначалничката функција откако му беше потврден пратеничкиот мандат.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова следната недела треба да го додели мандатот за состав на новата влада. Законскиот рок за оваа постапка истекува на 7 јуни.

Според Уставот, претседателот на државата е должен во рок од десет дена од конституирањето на парламентот да даде мандат за формирање влада на партијата или партиите кои имаат мнозинство во неа, а во рок од 20 дена од денот на неговото доставување, мандатарот мора пред парламентот да го претстави составот и програмата на владата. По резултатите од изборите на 8 мај и преговорите кои се во тек, тоа ќе биде претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Коалицијата ВЛЕН и движењето ЗНАМ на градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, велат дека преговорите со ВМРО-ДПМНЕ за формирање влада се во нивната завршна фаза.

Слични содржини