Новиот албум на Горан Трајкоски, насловен „Тешкиот глас на новите химни“, беше промовиран денеска напладне на платото пред Младинскиот културен центар во Скопје.

Албумот кој е објавен под етикетата на МКЦ, донесува десет композиции, во кои преовладува специфичната музичка атмосфера, арнажмани и вокална интерпретација на Трајкоски. За песната „Глас од татковината“ е искористен текст од Коле Неделковски, додека пак за текстот за „Тапија на немоќта“ е составен од репликите од драмата „Еригон“ на Јордан Плевнеш. Покрај овие песни, на албумот се наоѓаат и „Како смртта умира“, „Очи црни ископјате“, На светов убавина“, „Време-невреме“ и други.
Материјалот за албумот е сниман во студиото „Тра-ла-ла“, каде што е миксуван и продуциран од страна на Димитар Димовски, а при реализација учествуваат и гитаристите Сеад Хаџиќ-Сецко и Благоја Неделковски, басистот Игор Василев-Новоградска, Петар Христов на саксофон и Димитар Димовски на тапани.
Концертната промоција на ова издание е закажана за на 15 декември во киното „Фросина“ во МКЦ, за кој веќе поголемиот дел од картите, кои чинат 300 денари, беа продадени на денешната промоција.