Пропадна обидот на опозицијата за гласање недоверба на Џафери

од Nikola Popovski

Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери ја доби довербата од мнозинството пратеници при интерпелацијата иницирана од опозицијата.

„За“ недоверба на Џафери гласаа 43 пратеници од опозицијата, а „против“ 61 пратеник од владиното мнозинство во 120-члениот парламент.

Пратениците го кажаа своето мислење за интерпалацијата со „индивидуално гласање“, односно со кревање раце, откако електронскиот систем покажа дека 60 пратеници гласале против. Претседавачот Горан Мисовски објасни дека новиот систем не го регистрирал гласот на претседателот (Џафери), па ја повика собраниската служба да организира „поединечно гласање“ кое покажало дека 61 пратеник се против.

Пратениците на ВМРО ДПМНЕ поднесоа барање за расправа за импичмент на претседателот на Собранието, Талат Џафери, тврдејќи дека со непочитување на деловникот за работа колегите пратеници и вработени во парламентот покажал дека не е достоен за таа функција.

Шефот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, Никола Мицевски, го обвини Џафери дека ја злоупотребува функцијата и постојано го крши Деловникот и оцени дека за петте години колку што го води Собранието „претворено е во машина за гласање на криминалните афери на власта (СДСМ и ДУИ)“.

На расправата што почна околу пладне, пратениците од партиите на владејачката коалиција СДСМ и ДУИ застанаа во одбрана на Џафери, обвинувајќи ја опозицијата дека само „ја попречува работата на Собранието, дека кова заговори, дека е алчна за власт и дека прави се за да го заштити криминалот во нејзините редови“.

Шефот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, ја обвини ВМРО ДПМНЕ дека води политика на враќање на државата во минатото, „политика против народот, против Џафери, против државата“.

Интерпелацијата на Џафери беше единствената точка на 77. пленарна седница на Собранието, а седницата ја водеше потпретседателот Горан Мисоски.

Слични содржини