Незаконски се блокирани илјадници трансакциски сметки, а властите заборавиле дека Македонија е социјална држава и продолжува да штити стотина извршители, обвинија граѓани на денешниот протест пред Министерството за правда.
Велат дека извршителите ги казнуваат сиромашните граѓани поради тоа што се сиромашни, потенцирајќи дека трпението веќе е при крај и ако државата не ги заштити граѓаните од самоволието на извршителите, тогаш тие ќе ја преземат правдата во свои раце. Тие побараа итни измени на Законот за извршување, кој, според нив, им става јамка околу врат на луѓето, а извршителите ги штити како бели мечки.
Ана Глигорова од организацијата „Стоп за извршителите“ вели дека во моментов има блокирано 88 илјади сметки на граѓани, а 130 илјади заедно со правните лица.
„Во Македонија од 10 денари сметката станува 10 илјади денари, од 100 евра станува 10 илјади евра. Значи луѓево овде не може да живеат, се работи за геноцид, се работи за една третина од плата или пензија, што е премногу“, рече таа, додека насобраните скандираа „Нема правда, нема мир“.
Тие бараат извршителите да немаат право да им ги блокираат сметките на граѓаните, туку да ги наплатуваат парите со траен налог. Исто така, сметаат дека во земја како Македонија, каде што платите се премногу ниски, лимитот од една третина од плата која смеат да ја наплатуваат извршителите треба да се намали на една петтина од платата. Бараат намалувањето на трошковникот за извршителите кој го донесе владата да важи и ретроактивно, да има ревизија на извршните решенија и одговорност за судиите и извршителите кои го прекршиле законот.
По протестот граѓаните ги доставија поплаките од извршителите до Министерството за правда, а претставници од организацијата беа примени во Министерството.