Протест во Техеран: Запалено знамето на САД, Иран вети одмазда кон Израел

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани, најави дека иранската страна го задржува правото да се одмазди за израелскиот воздушен напад.

од Бети Божиноска
360 прегледи

Во Техеран вечерва има протест поттикнат од ракетниот напад на Израел врз иранскиот конзулат во Дамаск, кој беше срамнет со земја и во кој загинаа многу ирански државјани.

Според медиумите, насобраните граѓани носеле знамињата на Иран и Палестина, а во еден момент толпата ги запалила знамињата на САД, Израел и Велика Британија.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани, најави дека иранската страна го задржува правото да се одмазди за израелскиот воздушен напад.

„Иран го задржува правото да преземе контрамерки и да одлучи за видот на реакција и казнување на агресорот“, рече тој.

Иранскиот амбасадор во Сирија, Хосеин Акбари, рече дека никогаш не биле сведоци на вакво злосторство, а зад се, вели тој, гледа дека израелскиот режим е во ќорсокак и дека се обидува да ги надомести неуспесите што претрпел во Појасот Газа.

„Исламската Република Иран никогаш не оставила без одговор злосторство на ционистичкиот режим. Секако, ционистичкиот режим и неговите сојузници знаат дека треба да го чекаат пропорционалниот одговор на Иран на ова злосторство, кој ќе се заснова на иранската мудрост и ќе биде извршен во вистинското време и на вистинското место“, вели Акбари.

Тој додава дека куќата до амбасадата била на дипломатското претставништво, и дека тој лично имал среќа што не бил во зградата.

Како што вели Акбари, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху врши злосторства за да се заштити себеси и САД, кои се соучесници, но најавува дека владата на Иран ќе им се спротивстави.

„Можеби е првпат ционистичкиот режим да си дозволи да ја нападне официјална зграда на Амбасадата на Исламската Република Иран, каде што е подигнато иранското знаме над оваа област и го признава ова злосторство. Се разбира, на оваа акција, покрај зголемувањето на одговорноста на меѓународните организации и поддржувачите на ционистичкиот режим, Исламската Република ќе одговори на соодветен начин и благовремено“, рече тој.

Сириската државна телевизија прво објави дека противвоздушната одбрана го одбила нападот во околината на Дамаск, но потоа се слушнале експлозии. Тогаш станало јасно дека Израел ја нападнал куќата до иранската амбасада, но дека дипломатската мисија била срамнета со земја и имало жртви.

ИРГЦ ја потврди смртта на двајца генерали и пет офицери по израелски воздушен напад врз иранската дипломатска мисија во Дамаск.

Слични содржини