Прва блокада на патот кон ЕУ, Пендаровски не е оптимист за спорот со Бугарија

од Берта Китинска

Северна Македонија  ја доби првата блокада од Бугарија на состанокот на амбасадорите на ЕУ на кој се разговараше за рамката за преговори за Скопје.

Во меѓувреме и бугарското МНР ја извести Европската комисија дека во овој момент не може да ја поддржи преговарачката рамка за Македонија. За Бугарија, неприфатлива е опцијата за поставување на нејзините услови во декларација на Советот на ЕУ како придружен дел од рамката за преговори.

– За Бугарија е неприфатливо нејзините услови за Македонија да бидат поставени во декларацијата на Советот на ЕУ, што ја придружува рамката за преговори. Декларацијата на Советот не е правно обврзувачки инструмент и не ги дава правните гаранции што ги бара Бугарија. Ние би имале такви гаранции доколку нашите барања се рефлектираат во текстот на рамката за преговори, на што инсистираме, велат од бугарското МНР.

Сепак, Софија смета дека и покрај кратките рокови решение може да се постигне.

Премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека Бугарија денеска го прекршила членот 2 од Договорот за добрососедство, во кој се вели дека соседот треба да и помага на Северна Македонија на патот кон членството од Европската Унија.

– Имаме прва блокада од Бугарија. Денеска е прекршен тој член, ние ништо до сега не прекршиме. Ова е прво непријатно чувство, рече кусо Заев и дополни дека за тоа е информиран од Брисел, без да изнесе детали. Тоа за него е непријателски сигнал и додаде дека тоа значи дека е стопирана првата фаза од креирањето на преговарачката рамка помеѓу Македонија и ЕУ.

„Двете Договорни страни ќе ја развиваат соработката помеѓу себе во областа на европската и евроатлантската интеграција, насочена кон успешна подготовка на Република Македонија за нејзиното пристапување кон Европската Унија и НАТО. Бугарската страна ќе го сподели своето искуство со цел да и помогне на Република Македонија да ги исполни неопходните критериуми за членство во Европската Унија и ќе ја поддржи Република Македонија за добивање на покана за членство во НАТО согласно соодветните одлуки од средбите на врвот на НАТО“, стои во челнот 2 од Договорот за добрососедство со Бугарија.

Влада: Разочарани сме од одлуката на Бугарија

Разочарани сме од одлуката на Република Бугарија да не го поддржи усвојувањето на Рамката за преговори за Северна Македонија, што не е во согласност со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017, брифираат од Владата откако денеска на состанокот на КОРЕПЕР не беше постигната согласност за усвојување на преговарачката рамка за почеток на пристапните преговори поради противењето на бугарскиот амбасадор.

– Ние остануваме посветени на Договорот и уверени сме дека тој претставува одлична рамка за менаџирање на билатералните прашања и нуди механизми за надминување на проблемите. Во таа насока подготвени сме да дадеме појаснувања за да ги отстраниме загриженостите што се појавија во Република Бугарија.

Пендаровски за спорот со Бугарија

Шефот на државата, Стево Пендаровски, во интервју за „360 Степени“ зборуваше и за актуелниот спор со Бугарија и она што денес го кажа премиерот Зоран Заев дека прекршен е членот 2 од Договорот за добрососедство, кој предвидува поддршка од бугарска страна за македонските евроинтеграции.

„Не можам во овој момент да ѝ дадам на целата македонска јавност количина на оптимизам кон ова прашање. Инаку, Заев ова по втор пат го кажува и пред десетина дена најави дека е можна таква разврска. Јас имав изминативе денови разговори и со германскиот претседател и со бугарскиот претседател. Од сето она што го склопувам како информација и од нашата мисија во Брисел и од нашите пријатели кои не се малку во Европската унија, е дека Бугарија во овој момент делува како да тврдо решена да постави блокада на нашиот пат кон ЕУ. Не би сакал да прејудицирам, бидејќи тие го одложија Советот за општи работи за 17 ноември, што значи има десетина дена во кои може да се најде заедничка солуција“, рече Пендаровски.

Османи за консензусот на 27 земји членки

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи во „10 Минути“ на ТВ21 посочи дека преговарачката рамка се носи со консензус на 27 земји членки, што значи дека било која од тие земји членки, по однос на било кое прашање, доколку не се согласува со текстот може да не го одобри и да не помине.

Заев и Шајдер

Премиерот Зоран Заев, на денешната средба со членот на Европскиот парламент и претседавач на заедничкиот парламентарен комитет за соработка меѓу Европската Унија и Македонија Андреас Шајдер, изрази надеж дека постои решение за почеток на преговори на земјата со ЕУ.

„И покрај денешната одлука на Република Бугарија да не даде поддршка за преговарачката рамка за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, со засилена комуникација и дополнителен ангажман, постојат можности за излезни решенија за да има успех за сите, за македонската интеграција, за Република Бугарија, за регионот и за Европската Унија“, рекол Заев.

 

Слични содржини