Психолог за „Локално“: Родителите трпеливо да разговараат со децата за новите правила на однесување во училиштата

од Берта Китинска

Враќањето во училишните клупи и звукот на училишното ѕвонче ги израдува учениците  на кои им фалеше социјализација и дружба со врсниците која за жал им беше скратена поради пандемијата.Поголемиот процент на деца со радост го чекаа почетокот на  новата учебна година, иако знаат (барем оние повозрасните) дека ќе мора да се придржуваат до одредени правила, вели во разговор за „Локално“ психологот Ивана Велевска.  

 Таа објаснува дека родителите треба во наредниот период почесто да разговараат со своите деца и со време да ги подготват  за правилата на однесување и нивно почитување во училиштата.

– Родителите потребно е секојдневно да разговараат со трпение секако и да внимаваат децата да не се исплашат премногу од вирусот па со тек на време да избегнуваат било каков социјален контакт. Поголем страв можеби би се јавил кај оние најмалите што за прв пат стапнуваат во училиште, мислам на првачињата кои за жал првите училишни денови ќе ги паметат на еден поинаков начин, и немаат претстава дека под други околности тие би биле полесни и позабавни, објаснува Велевска.

Гледајќи од психолошка гледна точка, психологот  смета дека и за учениците и за родителите, па и за голем дел од наставниците наставата со физичко присуство е многу подобра опција.

-Комбиниран модел на настава можеби за некои ученици би бил прифатлив, пример за оние кои лесно се адаптираат во нови средини и се прилагодливи на промени, но кај голем дел на родители и ученици мислам дека би се јавил проблем и во однос на организација (една недела носење и земање од училиште), а веќе следната подготовки за работа од дома. Можеби на дел од родителите би им одговарал таков комбиниран модел, но во исто време сметам дека учениците ќе бидат доста збунети. Така повеќе би можело да има групирање меѓу децата, а и на наставниците ќе им се отежни работата во однос на тоа кои деца ќе бидат во една група, а кои во друга. Исто така овој модел   може да биде и злоупотребен од страна на родителите, па многу од нив да бараат децата да посетуваат настава во зависност од нивните потреби (оn line или со физичко присуство).Затоа можеби е најдобро да се користи само еден модел на настава, за да не дојде до групирање и поделба меѓу учениците. Учебната година веќе започна, па да се надеваме дека ќе бидат почитувани сите препораки за заштита и превенција од вирусот и дека ситуацијата нема да ескалира па бројот на заболени да расте.На сите ученици им посакувам среќен почеток и успешна школска година без оглед дали наставата ќе биде со физичко присуство или онлајн, порачува Велевска.

Слични содржини