Во Србија секое трето семејство нема деца, а во изминатите 30 години бројот на бракови постојано се намалува, се наведува во публикацијата „Жените и мажите во Србија во 2017 година“, објавена од Републичкиот завод за статистика.

Според податоците, самохраните родители во Србија се воглавно од женски пол. Односно дури 80 отсто се семејства со еден родител – мајка и дете.
Во Србија живеат околу 190.000 повеќе жени отколку мажи, а само шест отсто општини и градови имаат градоначалничка односно претседателка на општина.
Невработеноста најмногу е застапена кај младите жени од 15- 24 години додека меѓу запишаните студенти во 2016 година имало 56 отсто жени, а меѓу дипломираните 58 отсто се жени, се додава во публикацијата.
Дури 90 отсто од членовите на Српската академија на науки и уметности се мажи и за 176 години постоење на таа институција, жена никогаш не била претседател./МИА