Пуштен во употреба Централниот регистар на население

од Vladimir Zorba
339 прегледи

Министерството за информатичко општество и администација, денеска го пушти во употреба Централниот регистар на население. Регистарот на население овозможува собирање на податоци за физички лица и нивно користење од страна на надлежните институции за потребите на нивните управни постапки. Регистарот им овозможува на институциите кои работат со личните податоци на граѓаните, тука да ги најдат најновите и најпрецизни податоци за граѓаните без потреба од рачно одржување и ажурирање.

На прес-конференција, министерот Дамјан Манчевски, го претстави проектот и се осврна на придобивките од истиот, за граѓаните.

„Регистарот на население содржи податоци кои се унифицирани, верифицирани, стандардизирани и валидизирани. На овој начин, со пуштање во употреба на Регистарот, граѓаните конечно нема да се соочуваат со проблемот на различни податоци во различни институции и дати бази“, истакна министерот Манчевски.

Зборувајќи за придобивките од Регистарот, тој рече:

„Регистарот на граѓани ќе биде основа за креирање на единствен електронски број на граѓанинот. Понатаму, овој број ќе биде клучен за системите кога граѓанинот ќе побара услуга од институциите. Секој граѓанин има право да ги знае неговите лични податоци содржани во Регистарот. МИОА воведува нова услуга со која секој може да провери кои податоци се запишани во регистарот. Секој граѓанин има право да знае кој ги користи неговите лични податоци. МИОА воведува нова услуга со која секој може да побара информација за тоа која институција, кога и поради која причина ги користела податоците од Регистарот за граѓанинот. Понатаму, Регистарот на население ќе биде алатка која ќе го помогне спроведувањето на Пописот, а податоците од Регистарот ќе бидат и искористени и за пречистување на Избирачкиот список“.

Манчевски, даде осврт и на целиот процес на дигитализација на јавната администрација.

„Регистарот на население е основата без којашто дигитализацијата на јавната администрација беше невозможна. Податоците впишани тука, се дел од Националниот портал за е-услуги, којшто исто така, многу скоро ќе биде пуштен во употреба. Се што досега беше синоним за досадни, долги, фрустрирачки редови на чекање, од следниот месец ќе почнува постепено да биде заменето со неколку кликови на Порталот за е-услуги, од вашиот компјутер или мобилен. Реформата на јавната администрација со цел обезбедување на побрзи и поквалитетни услуги на граѓаните може да се реализира само со помош на дигитализацијата. Од денеска, можам со задоволство да кажам дека тој процес е конечно во фаза на континуирана реализација и имплементација“, заклучи министерот Манчевски.

Слични содржини