Путин патува надвор од Русија; Песков: Ќе биде отсутен само 24 часа

од Stefanija Kuzmanovska

Рускиот претседател Владимир Путин планира утре да ги посети Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија, изјави денеска неговиот портпарол, без да ги потврди гласините за можна посета на климатската конференција COP28 во Дубаи.

Еден ден подоцна, во четврток, Путин ќе биде домаќин на иранскиот претседател Ебрахим Раиси во Москва, објави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Патувањето ќе трае само 24 часа“, изјави Песков за руската новинска агенција „Интерфакс“.

Работните посети на двете земји ќе бидат фокусирани на билатералните односи, но секако ќе се разговара и за натамошната координација на пазарот на нафта, додаде Песков.

Советникот на Путин за надворешна политика Јуриј Ушаков вчера ги најави работните посети на Путин, но не го прецизираше денот, ниту пак даде дополнителни детали.

Неодамна, Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК+), чиј член е Русија, одлучи дополнително да го намали производството на нафта со цел да ги одржи високите цени. Но, и покрај таа одлука, цената на нафтата продолжува да опаѓа. Запрашан за тоа, Песков објасни дека е можно накнадно да се види ефектот од таквите одлуки.

„Координацијата на мерките за стабилизирање на пазарот секако ќе продолжи“, рече тој.

Слични содржини