Путин: Русите и Украинците се еден народ

од Nikola Popovski

Рускиот претседател Владимир Путин ги опиша Русите и Украинците како „еден народ“ и изјави дека Украина може да биде стабилна и успешна само доколку одржи пријателски врски со Москва.

Во статија објавена вчера, Путин го обвини Киев дека нема намера да го почитува мировниот договор од 2015 година и да стави крај на конфликтот со проруските сепаратисти во источна Украина, пренесува Асошиејтед прес.

„Убеден сум дека вистинскиот суверенитет на Украина е можен само со партнерство со Русија. Нашите духовни, човечки и цивилизациски врски се формираат со векови, тие се вкоренети во истите извори и се зајакнати со заеднички достигнувања и победи“, напишаl Путин во текстот објавен на веб-страницата на Кремљ.

Реагирајќи на написот на Путин, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денес изјави дека тезата за „братски нации“ го потсетува на библиската приказна за Каин и Авел. Според таа приказна, Каин го убил својот брат Авел.

Зеленски исто така изјави дека Путин нема време да се сретне со него, а има време да напише „обемни написи“, објави Амбасадата на Украина во Белград.

„Немав време да го прочитам целиот напис, бидејќи вчера имав важни состаноци. Можам само да завидувам дека претседателот на толку голема земја може да си дозволи и да потроши толку многу време на толку детална работа. Едноставно не знаев на што го трошеше своето време, а сега го гледам резултатот “, рече Зеленски.

Москва и Киев се во непријателски односи од руската анексија на украинскиот полуостров Крим во 2014 година, по соборувањето на прорускиот претседател на Украина, Виктор Јанукович. Повеќе од 14.000 лица се убиени во седумгодишен конфликт во источна Украина, каде Русија ги поддржува бунтовниците.

Слични содржини