Работодавачите со забелешки за начинот на исплата на буџетската помош за исплата на минималецот

од Vladimir Zorba

Зголемувањето на минималната плата се очекува државниот буџет да го чини над 15 милиони евра. Со вчерашниот договор меѓу Владата, Организацијата на работодавачите и Сојузот на синдикатите, минималната плата од 15 200 ден. ќе се зголеми на 18 000 денари а дополнителните 2800 денари или 45 евра, работниците ќе почнат да ги добиваат со платата за март.

За исплата на зголемената минималната плата, работодавачите ќе добијат финансиска помош од државата односно од буџетот ќе се субвенционира целокупната разлика во делот на придонесите од сегашната минимална плата или 1197 денари односно до крајот на годината ќе  бидат потребни 939.645.000 денари или нешто повеќе од 15,2 милиони евра.

Работодавачите се затечени од предложените измени во делот на начинот на исплата на помошта. Во изјава за „Локално“, Ангел Димитров од ОРМ коментира  дека текстот на законот не го добиле на седницата на економско социјалниот совет, туку некаде после полноќ.

„За нас тој е неприфатлив“, вели Димитров за кого неколку одредби се особено спорни, меѓу кои е членот според кој „Финансиската помош се обезбедува на работодавачите за работниците на кои основната плата ќе им се исплати до нивото на платата согласно членот 4 од овој закон“.

Според работодавачите, вака дефинирано произлегува дека финансиска помош се обезбедува за работниците кои ќе земаат до 18 000 денари.

„Ова не е возможно затоа што без никакви други додатоци  (за прекувремена работа и сл.)  на работникот му се исплаќа додаток за минат труд во висина од 0,5% од година на стаж. Практично, никој нема да има право на субвенции“, вели Димитров.

Затоа според работодавачите овој став мора да се измени и да бидат земени во предвид работниците кои пред покачувањето на минималната плата од 18.000 денари земале плата пониска од овој износ.

Како неприфатливи работодавачите го посочуваат и ставовите кои го регулираат субвенционирањето на продонесите. Во членот 3 е предвидено финансиска помош да не може да оствари обврзникот  кој користи субвенционирање на придонеси од задолжителното социјално осигурување.

„Сметаме дека оваа одредба треба да се измени со тоа што обврзникот самиот ќе одлучи за кои работници ќе користи субвенционирање на придонеси, а за кои финансиска помош за исплата на минимална плата“, вели Димитров.

Во спротивно, според него, финансиската помош за минимална плата ќе се пребие со субвенционирањето на придонесите и работодавачите нема да добијат никаква помош за зголемување на минималната плата.

На седницата на економско социјалниот совет Владата презентирала и нов модел на усогласување на минималната плата кој би се применувал од следната година според кој минималецот не може да биде понизок од 57% од просечната плата во државата за претходната година.

К.В.С.

Слични содржини