Пред седум години на истиот овој ден од неделата се случи „крвавиот четврток“ кога демонстранти, а меѓу нив и маскирани лица, упаднаа во Собранието и нападнаа пратеници, но и медиумски работници. И после тогашните крвави сцени и судските пресуди за „терористичко загрозување на уставниот поредок“, јавноста останува поделена што всушност беа напаѓачите. Опозицијата долго време притискаше за амнестија, власта порачуваше дека насилството нема да се заборави и да се дозволи да се повтори, а дел од обвинетите сè уште се надеваа на нови судски процеси. Настаните од 27 април беа споменати и во изборната кампања, со оглед дека кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова најави дека доколку дојде на позицијата шефица на државата, ќе ги помилува осудените од 27 април.
„Потребно е во името на правдата, на етиката, на моралот, претседателот понекогаш да се одважи и да посегне по една кочница во однос на судот. Тоа ќе го направам и честопати го спомнувам, особено кога ги имам на ум обвинетите од 27 април. Страшно ме погоди судбината на Јане Ченто. Зар е можно судбината на неговиот дедо да се повторува во 21 век, во современа Македонија. Замислете да бидете обвинети за организирање на тетрористичка закана или за рушење на уставниот поредок на Македонија. Последиците ќе ги чувствувавме до ден денес ако имаше таква закана“, рече Силјановска на вториот ден од изборната кампања за претседател.
За дел од јавноста, маскираните го бранеле уставниот поредок и упадот е оправдан, додека за останатите, напаѓачите се терористи и порачуваат дека ваквиот немил настан не треба да се повтори, но никогаш нема да се заборави. Во обид да дознаеме каков траг остави крвавиот упад и како се гледа на тој ден од денешен аспект, „Локално“ поразговара со еден од луѓето кои тој ден во просториите на Собранието и директно се соочија со напаѓачите. Претседателот на НСДП, Горан Мисовски посочува дека 27 април 2017 година е најцрниот датум во македонската историја, кога вооружени лица поттикнати од ВМРО ДПМНЕ извршија упад во Собранието со цел да убијат пратеници.
-Во таа партија апсолутно ништо не е на подобро променето. Тоа се истите луѓе кои што ја продолжуваат политиката на Никола Груевски, сега само проширена и надградена. Политика на бруталност во владеењето преку трите П: пендрак, пари и пропаганда, оценува Мисовски.
Според него, од денешна перспектива, жали што ниту екс-премиерот Груевски ниту сегашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, кој и лично беше тој ден пред Собранието, „не собрале ниту сила ниту храброст да се извинат“.
-Тоа беше ден на срам за ВМРО ДПМНЕ и крв за Македонија. Околу Гордана Силјановска-Давкова и нејзиниот однос кон овој крвав настан како би постапила ако биде избрана за претседател, многу е тешко човек да се предвиди, затоа што професорката за сите важни прашања за државата, изјавите ги менува по неколку пати во зависност од тоа како е расположена или нерасположена во одреден момент, ден или година, истакнува Мисовски.
Терористи или уставобранители?
Дел од аналичарите во земјава порачуваат дека луѓето што упаднаа се уставобранители. За политичкиот аналитичар Александар Ристевски, „терористите (барем нивните наследници) се повеќе од дваесет години во владата“.
-Јас попрво би рекол дека тоа се родољуби кои беа ставени во ситуација во која изманипулирани да извршат кривични дела, а добија обвинение кое е драконско, а не е подложно на амнестија, која беше извесно дека ќе ја добијат, вели Ристевски за „Локално“.
Ристевски не знае дали партиите ја научија лекцијата од тој датум, но народот дефинитивно да.
-Тој ден остана како своевидна потврда дека ниту еден план никогаш не е без информации во дргуиот табор и дека никогаш, до самиот крај не се знае кој ќе настрада. Обично тоа е е некој кој е колатерална штета, смета соговорникот.
Аналитичарот оценува дека актуелната власт се занимава со многу посуштински работи отколку за тоа дали некој друг ќе добие амнестија.
-Мислам дека им е битен Пендаровски, за да може во следните неколку години тие да добијат амнестија за криминалите и политичките одлуки кои ги носеа. Самата промена која ја донесоа со намалувањето на затворски казни за злоупотреба на службена должност, доволно говори со што се оптеретени. Кога веќе зборуваме за тоа дали Силјановска Давкова ќе ги помилува, јас искрено се надевам дека ќе го стори тоа, иако самите осудени не сакаат милост туку повторно судење и повторен процес. Како и да е, дури и да се утврди повторна вина, тие одлежаа и повеќе од доволно, заклучува Ристевски.
Од друга страна, аналитичарот Бесим Небиу не се согласува со таквата констатација и смета дека на денешен ден пред седум години, се случи јасен напад на демократскиот поредок. Како што вели во разговор за „Локално“, топла влезе во Парламентот да се обиде да спречи конституирање на демократски избран парламент и ново мнозинство,
-Насилство употребено за спречување на избор на Влада е јасен упад во демократиијата – тоа не може да се негира без ралика од која страна доаѓа, дециден е Небиу.
Оттаму, додава, најавите за амнестија ги гледам како политичка амнестија на делото, односно поддршка и понатаму де се користи насилството како метод на спречување на работа на државата, односно во партиски политички цели. За аналитичарот, нормализирањето на насилството ќе придонесе до поделби и раздори во оппштеството.
Постојат два судски предмета поврзани со настаните од насилниот упад во Собранието. Сите се осудени за дејствија против државата, односно за загрозувањето на уставниот поредок и безбедност на државата. Како организатори на насилниот упад беа осудени на затворски казни поранешните функционери Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и Владимир Атанасовски, кои по укинувањето на првостепената пресуда од Апелација, чекаат повторно судење.
За инцидентите во Собранието пак, пресуди за затворски казни добија 16 обвинети. Дванаесет обвинети меѓу кои и тогашните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов добија амнестија. Дел од нив подоцна гласаа за промена на името во Северна Македонија.
Највисока казна доби поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, кој доби 18 години затвор. По 15 години затвор добија тогашните полициските началници Митко Пешов, Душко Лазаров и Горан Ѓошевски Леви, Мунир Пепиќ од Агенцијата за разузнавање, како и припадниците на патриотските здруженија и маскирани напаѓачи Јане Ченто, Влатко Трајковски и Никола Митревски – Кољо. Вилијам Михајловски доби 14 години, а полицискиот началник Оливер Поповски 13 години затвор. По 12 години затвор добија Младен Додевски, Горанчо Ангеловски и Игор Југ. Оливер Радулов од УБК доби 10 години затвор, Александар Василевски – Нинџа – 8 години, а припадникот на собраниското обезбедување Абдулфета Алими, кој стана познат во јавноста како човекот што го спаси Зијадин Села, беше осуден на седум години затвор, затоа што тој му ги предава клучевите од собраниските врати на Горан Ѓошевски Леви, кој беше шеф на обезбедувањето на поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски.
Н.П.