Рашковски ги достави до медиумите измените на обвинителниот акт во случајот „Софтвери“

од Nikola Popovski

Кога обвинител ќе промаши 99% во обвинителниот акт – тоа зборува за каков стручњак станува збор. Кога во сето тоа ќе внесе мали деца со цел да предизвика омраза – тоа кажува за каков (не)човек станува збор. Кога приватно сте лош човек или непрофесионален цената ја плаќате самите, но кога тоа ќе го правите во службата, тогаш подлежите на кривична одговорност и разрешување, вака поранешниот генсек на Владата, Драги Рашковски го почнува своето соопштение, обвинувајќи ја обвинителката Ивана Трајчева, која ја водеше истрагата и сега го застапува обвинението за него.

Рашковски до медиумите ги достави измените на обвинителниот акт во случајот „Софтвери“. Тој истакнува дека Ивана Трајчева 2 години тврди дека на сметките на моите малолетни деца има огромна сума на незаконски средства.

-Милиони…. За на последното рочиште, сама, од немај каде, не дека и проработи свеста, да смени дека од моја страна на нивните сметки се внесени 475 евра!!! Да. 475 евра. За толку 2 години се труе јавноста. Сега ќе треба да им погледне во очи на сите судии кои ги лажеше овие 2 години за да блокираат средства убедувајќи ги дека има докази дека станува збор за сериозен криминал. Судиите како да се претворија во неми послушници на барањата на обвинителите. Како за притвор, така за времени мерки, така и за претреси. Демек ова право на обвинителите “им е од бога дадено”, а тие се само исполнители на нивните желби, вели Рашковски.

Поранешниот генерален секретар на Владата тврди дека на последното рочиште ЈО, Ивана Трајчева направи 3 потези за кои Советот на Јавни обвинители веќе не смее да остане нем набљудувач.

-Откако призна дека нема ништо криминално, а и незаконско зголемување на мојот имот (кој патем се има зголемено за 4.000 евра додека сум бил на функција), ЈО Ивана Трајчева направи досега невидено “Salto mortale” во обвинителската историја. Во својата изјава вели дека бидејќи обвинителството не можело да најде ништо незаконско во моите средства, ја испратиле документацијата до ДКСК за тие да најдат!!! Замислете, на затворена истрага, јавен обвинител праќа материјали до друга институција која нема законска можност да гони кривично да врши истрага, само затоа што тие не успеале да најдат ништо незаконски. Мора да има криминал затоа што она така сака?

Откако е веќе јасно дека случајот “Софтвери” е беспредметен, без никакви докази за сторено кривично дело, а на површина излегуваат, односно најверојатно сами си ги вадат скриените намери, ЈО Ивана Трајчева поднесува обвинителен предлог против мене за сторено кривично дело “Фалсификување исправа”, притоа покажувајки основно непознавање што е тоа картица од партија која банката ја издава. Просто е за неверување дека јавен обвинител кој работи во организиран криминал не знае што е картица од партија. Со ова ЈО Ивана Трајчева ја обвинува во позадина и НЛБ Банка дека издала фалсификат документ. Кому му се сите криви? Се знае како е поговорката.

После 2 години и се разјасни дека не може средства од 2017 и 2015 кога и не сум бил ни функционер да потекнуваат од 2019!!! Ете за таква динамика на логика правиме муабет во обвинителниот акт.

Обвинителот кој ќе промаши 99% не се вика ОБВИНИТЕЛСТВО. Не е тоа одраз на состојбата во обвинителството. Таму има многу стручни правници. Има име и презиме. Се вика Ивана Трајчева.

Затоа кога некој ќе направи фрапантно промашување, слободно кажете му “Ај не ми се прај Ивана Трајчева”, стои во соопштението на Рашковски.

Слични содржини