Расте опасноста од енергетска сиромаштија во Европа

од Vladimir Zorba

Европскиот комесар за труд, Николас Шмит предупреди на зголемување на таканаречената „енергетска сиромаштија“ во Европа оваа зима поради наглиот пораст на цените на енергијата. Тој изјави дека милиони луѓе нема да можат да ги греат своите станови во наредните месеци.

Според Шмит, во Европа веќе има милиони луѓе кои не се во состојба да ги загреат домовите доволно, како и „дека може овој број дополнително да се зголеми“, пренесе Дојче веле, повикувајќи се на ДПА.

Иако Европската комисија може да им помогне на земјите -членки на ЕУ да го ограничат влијанието на високите цени на енергијата, Шмит посочи дека националните влади треба да преземат соодветни мерки. Се смета дека домаќинствата се во енергетска сиромаштија кога нивните членови не можат да си дозволат да ги загреат своите станови по разумна цена.

Европската синдикална конференција (ЕТУЦ) предупреди во септември дека повеќе од 2,7 милиони луѓе во Европа не можат да си дозволат да ги загреат своите станови, иако се вработени. Германија минатата недела го намали данокот за обновлива енергија за една третина. Данокот сочинува една петтина од износот на сметката за електрична енергија на потрошувачот во Германија.

Франција им нуди на домаќинствата со ниски примања 100 евра месечно за да надоместат дополнителни трошоци за греење. Глобалните цени за природен гас и јаглен достигнаа рекордни нивоа во последните недели, а цената на суровата нафта се зголеми на околу 85 долари за барел. Зголемувањето на цените на енергијата е предизвикано од наглото зголемување на побарувачката за електрична енергија, што предизвикува недостиг на глобално ниво.

Кога станува збор за природниот гас, неговата цена ја достигна својата максимална историска вредност. Во исто време, Русија, која доставува околу 50 проценти од гасот за ЕУ, наводно ги намалува испораките за да изврши притисок врз Германија да го отвори гасоводот Северен тек 2, чија изградба неодамна беше завршена.

Слични содржини