Разговор Шекеринска – Столтенберг: Северна Македонија докажа дека е активна и кредибилна членка на Алијансата

Во првата година од полноправното членство во НАТО, Северна Македонија докажа дека е активна членка на Алијансата и ги дели заедничките вредности  и принципи на сите сојузници – беше заклучено во телефонскиот разговор меѓу министерката за одбрана Радмила Шекеринска и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Зголемувањето на одбранбениот буџет на 1,57% од БДП во 2021 од кои 25% се наменети за опремување и модернизација на Армијата, напредокот во процесот на воена интеграција во НАТО, учеството во мисиите и зголемениот придонес во мисијата КФОР на Косово, ја легитимираат Северна Македонија како кредибилен сојузник во Алијансата со значителен удел во напорите на НАТО за мир и безбедност  и значаен фактор на стабилноста во регионот – порача министерката Шекеринска.

Шекеринска потенцираше дека воената интеграција на земјата во Алијансата се одвива непречено и изрази уверување дека и покрај предизвиците со пандемијата на корона – вирусот, процесот ќе се заокружи до крајот на оваа година.

Шекеринска се заблагодари за брзата и ефикасна поддршка од страна на Алијансата во справувањето со последиците од пандемијата, која меѓу другото вклучуваше и донација на 60 транспортни респиратори од НАТО Доверителниот фонд во вкупна вредност од 1,4 милиони евра.

„Поддршката во справувањето со последиците од корона вирусот која пристигна од Алијансата, покажа дека силната солидарност и исклучително високото ниво на доверба помеѓу сојузниците се главната движечка сила на Алијансата. Сите за еден и еден за сите не е само наша заложба, тоа е принципот врз кој го градиме заедништвото“, порача министерката.

   Телефонскиот разговор на министерката Шекеринска со генералниот секретар на Алијансата, Столтенберг се реализира на само еден месец пред одбележувањето на првата годишнина од членството на Северна Македонија во НАТО.

 

Слични содржини