Работите во делот на изградбата на интерконекторот напредуваат со добро темпо. Како потврда за добрата насока во која се движат работите, првиот човек на „Номагас“, Бајрам Реџепи вели дека по евалуација на понудите за избор на фирма за надзор, ќе почне и постапка за избор на изведувач а до крајот на годинава ќе стартува и изградбата на овој проект.
Државата има многу јасен план како да стигне не само до потполна енергетска независност, туку и до целосна декарбонизација, вели Реџепи во интервју за „Локално“.
„Веќе е изменет проектот и планирано е во овој гасовод освен природен гас да се пренесува и водород, затоа има одредени поместувања. Планот е градбата да заврши во текот на првата половина од 2025 година. Сите сериозни студии покажуваат дека водородот ќе биде иднината и во смисла на базна енергија и балансирање на сите други извори на енергија. Затоа сите наши идни проекти ќе се градат со стандарди за пренос и на водород“ , вели во интервју за Локално, Реџепи.
На почетокот на следната година се очекува да заврши и терминлот за течен природен гас во Александропули. Веќе е направена резервација на капацитетите а за да бидеме и 10 % акционер, се чека одлука од Бугарија.
„Еден од акционерите таму е и Булгартрансгас и на нив им е потребна согласност од нивната Влада за да ни ги продадат овие акции, според потпишаниот меморандум. Јас се надевам дека конечно кај нашиот источен сосед, ќе има политичка Влада која што ќе одлучи за оваа продажба, бидејќи ние ги имаме средствата планирани во нашиот буџет за оваа година“, објаснува Реџепи.
За интерконективниот вод кон Косово, според Реџепи се чека одлука од тамошната влада, за проектот со Србија веќе е одобрен грант за физибилити студија која ќе започне годинава а за делницата кон Албанија се чека одобрение за финансиска поддршка.
АД Номагас треба да раководи со изградбата на македонскиот дел од гасоводот што ќе ја поврзува Македонија со Грција. До каде е целата постапка? Кога ке биде објавен тендерот за изградба и генерално до кој степен на реализација се активностите во оваа насока?
-Постапките се при самиот крај. Успешно заврши маркет тестот објевен од грчкиот оператор за преноs – ДЕСФА, усвoена е студијата за влијанието врз животната средина, усвоен е урбанистичиот проект, и веќе е аплицирано за одобрение за градба. Во фаза на евалуација се понудите за ангажирање на надзорен орган, и потпишувањето на овој договор ќе биде многу скоро. Овој договор за надзор ќе се реализира со ГРАНТ, средства добиени од WBIF. Сите постапки се синхронизирани помеќу двата оператори за пренос , Номагас и Десфа. Штом ќе се потпише овој договор, многу скоро ќе се објави и постапката за ангажирање на операторот за изградба. Веќе се потпишани договорите со ЕИБ за заем, и со WBIF за грантот за изградба, во висина од 10 милиони eвра. Во текот на третиот квартал оваа година треба да се потпише и договорот со ЕБОР за остатокот од заемот. Во текот на четвртиот квартал ќе се потпише и договорот за изградба, и до крајот на годината треба да започне изградбата. Веќе е изменет проектот и планирано е во овој гасовод освен природен гас да се пренесува и водород, затоа има одредени поместувања. Планот е градбата да заврши во текот на првата половина од 2025 година.
Терминалот за течен природен гас во грчкиот град Александрупол е исто така исклучително амбициозен проект на кој Македонија се приклучи во 2021 г. Дали се веќе дефинирани конкретните чекори за негова конечна реализација и сметате ли дали македонската јавност е доволно запозната со бенефитите од овој проект?
-Веќе е направена рана резервација на потребните капацитети и изградбата на овој терминал е веќе во тек. Тоа е планирано да заврши на почетокот на наредната година. Но, ние освен резервација на капацитети, планираме да бидеме и 10% акционер во овој битен ЛНГ терминал. Но тоа уште не е направено, бидејќи еден од акционерите таму е и Булгартрансгас, и на нив им е потребна согласност од нивната Влада за да ни ги продадат овие акции, според потпишаниот меморандум. Јас се надевам дека конечно кај нашиот источен сосед, ќе има политичка Влада која што ќе одлучи за оваа продажба, бидејќи ние ги имаме средствата планирани во нашиот буџет за оваа година.
Овој проект е од исклучителна важност за целиот регион, бидејќи енормно го зголемува капацитетот за снабдување и секако создава голема сигурност и диверсификација во снабдувањето.
Кога треба да се пуштат во употреба новите делници до Гостивар и до Битола од преносната мрежа и до каде е реализацијата на проектот за изградба на интерконекциските водови до Грција, Србија, Косово и до Албанија?
-Градбата на делницата до Битола е целосно завршена и е во фаза на испитување. Делницата до Гостивар е исто така завршена, освен неколку парцели кои што се во судски административни постапки … многу долго. Очекуваме да ги пуштиме во употреба и да ги заполниме со гас оваа година, но и тоа ќе зависи кога ќе се приклучат првите потрошувачи.
За интерконективниот вод кон Косово, веќе заврши физибилити студијата и чекаме одлука од косовската Влада. Интерконекторот со Србија веќе доби статут на проект од заедничи интерес и одобрен грант за физибилити студија која треба да започне оваа година. Со Албанија уште чекаме на финасиските институции да се изјаснат дали ќе дадат финансиска поддршка.
Дали имате доволна подршка од останатите надлежни институции, дали се соочувате со предизвици во однос на финасиската конструкција или пак можеби кадровски потенцијал?
-Секако дека одредени доцнења има, но ние бевме интензивно ангажирани да се забрзаат постапките. Но, законите што собранието ги усвои во однос на изградбата, е најдобрата можна вест и за нас, оти ќе влијае за многу побрза реализација на проектите. Во однос на финансирањето, се оди според планирата динамика и не би рекол дека имаме одредени проблеми или предизвици.
Дали лекциите што ги научивме од енергетската криза ќе ни помогнат во следниот период помудро да ги препознаваме насоките во коишто треба да ги инвестираме средствата?
-Секако да. Јас со големо задоволство можам да потенцирам дека ние како држава многу добро се справуваме со енергетската криза, и тоа нескромно е за голема почит. Само видете ги насловите од пред една година, за сите апокалиптични сценарија , и секако лесно ќе дојдете до овој заклучок. Но енергетските проекти се долгорочни, ако ги гледате долгорочните планови на државата за развојот на енергетскиот сектор сигурно дека ќе се уверите дека одеме во правилна насока за да стигнеме до целосна енергетска независност и диверсифицирани извори.
Колку е Македонија далеку од посакуваната цел-потполна независност во енергетска смисла? Кои се главните предизвици коишто ни стојат на патот?
-Државата има многу јасен план како да стигнеме не само до потполна независност, туку и до целосна декарбонизација. Природниот гас ќе се употребува како транзитен енергенс. Сите сериозни студии покажуваат дека водородот ќе биде иднината и во смисла на базна енергија и балансирање на сите други извори на енергија. Затоа сите наши идни проекти ќе се градат со стандарди за пренос и на водород.