Летото штотуку започна на северната хемисфера, но брутален топлотен бран веќе зафати делови од Европа, Кина и Соединетите Американски Држави, каде викендов се очекуваат рекордно високи температури, што може да послужи како илустрација за опасностите од глобалното затоплување , пренесува агенцијата „Хина“ повикувајќи се на АФП и „Ројтерс“.
Американскиот метеоролошки институт издаде предупредувања за екстремни горештини за повеќе од 100 милиони граѓани, а особено опасни услови се предвидуваат во сојузните држави Аризона, Калифорнија, Невада и Тексас.
Неколку европски земји, меѓу кои Франција, Германија, Хрватска, Грција, Италија, Шпанија и Полска истовремено се соочуваат со високи температури.
Тие би можеле да достигнат 48 степени Целзиусови на островите Сицилија и Сардинија, објави Европската вселенска агенција, кои се „потенцијално најжешките температури некогаш забележани во Европа“.
61.000 луѓе загинаа поради високите температури
Некои кинески провинции, вклучително и главниот град Пекинг, исто така се соочуваат со топлотни бранови, а најголемата кинеска енергетска компанија соопшти дека нејзиното производство на електрична енергија достигна рекордно високо ниво за еден ден.
Минатиот месец веќе беше најтоплиот јуни досега, според американската вселенска агенција НАСА и програмата за климатски промени Коперник, управувана од Европската унија.
Екстремните временски услови кои произлегуваат од сè потоплата клима „за жал стануваат нова нормалност“, предупредува Петри Таалас, генерален секретар на Светската метеоролошка организација (СМО). Екстремните горештини се еден од најсмртоносните метеоролошки настани, според СМО. Неодамнешна студија проценува дека повеќе од 61.000 луѓе починале од топлотен удар за време на рекордното топло лето во Европа минатата година.