„Репортери без граници“: Слободата на медиумите никогаш не била толку многу загрозена

од Vladimir Zorba
94 прегледи

 

Ширум светот денеска се одбележува Денот на слободата на медиумите.

Во извештај на „Репортери без граници“ објавено е дека слободата на медиумите во светот „никогаш не била толку многу загрозена“.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш повика на заштита на слободата на медиумите, наведувајќи дека е потребна „заедничка борба за нашето право на вистина“.

– Слободата на медиумите го унапредува мирот и правдата за сите нас. Слободата на медиумите е клучна во борбата против дезинформациите. Потребна е заедничка борба за нашето право на вистина, нагласи Гутереш.

– Кога ќе ги заштитиме новинарите, нивните зборови и фотографии ќе може да го променат нашиот свет, вели Гутереш.

Во извештајот на истражувачкиот центар на Европскиот парламент се наведува дека „слободата на медиумите во земјите од Западен Балкан не е целосна бидејќи државите во тој регион се соочени со политизација, проблеми во спроведување на законите и заплашување новинари, со пораст на автоцензура“.

Во документот се наведува дека автоцензурата е предизвикана како со суптилни, така и со отворени влијанија, дека квалитетното новинарство е отежнато и дека се фаворизира „таблоидизација“.

Заплашувањето новинари е оценето како распространето, а се укажува и на проблеми со неказнивост на напади врз новинари.

ЕП потсетува дека слободата на медиумите е основна вредност на ЕУ и темел на демократијата и претставува приоритет за проширување.

Според ЕУ, државите кандидати и понатаму се соочуваат со „системски недостатоци кои бараат долгорочни и континуирани напори“ кои во изминатите години се во застој, што предизвика ситуација во која „нема напредок“.

Во извештајот пишува и дека недостигот од транспарентност и сопствеништво над медиуми, како извори на финансирање, и понатаму претставуваат проблем.

Истражувачкиот центар на ЕП наведува дека во Србија е нејасна сопственичката структура на медиумите и државното финансирање особено на локално ниво, дека во БиХ најголем број медиуми не откриваат информации за своите финансии и вистинска сопственост, а во Македонија дел од телевизиите се во сопственост на поединци кои се наводно поврзани со владата.

УНЕСКО денеска и утре ќе организира Меѓународна конференција по повод Светскиот ден на слободата на медиумите во Џакарта, со цел да укаже на улогата на медиумите во унапредување на мирното, праведно и инклузивно општество.

Светскиот ден на слободата на медиумите се одбележува од 3 мај 1993 година кога е утврден од генералното собрание на ОН.