Претседателите на воените комисии во двата дома на американскиот Конгрес испратија предупредување до американскиот претседател Доналд Трамп дека оваа земја „не смее да ја изгуби“ позицијата на врховен командант на силите на НАТО во Европа.
Според „Аксиос“, Роџер Викер и Мајк Роџерс, двајцата од Републиканската партија, го предупредиле Трамп дека таквите одлуки не можат да се носат без Конгресот.
„Нема да прифатиме значајни промени во нашата борбена структура кои се спроведуваат без ригорозен меѓуагенциски процес, координација со командантите на борбените команди и Здружениот штаб и соработка со Конгресот“, се вели во заедничката изјава.
Ова е првпат по инаугурацијата на Доналд Трамп некој од неговата партија да се спротивстави на неговите одлуки на ваков начин.
Роџерс и Викер добија позиции како претседатели на исклучително важни комисии за САД, а особено за Републиканската партија и може да се сметаат за моќни членови на партијата.
Токму затоа, пишува „Аксиос“, оваа заедничка изјава и борбата против планот на Трамп се значајни.
Да потсетиме, „NBC News“ објави дека Трамп планира да ја предаде функцијата командант на силите на НАТО во Европа, втората најмоќна воена позиција во Алијансата, на друга земја.
Трамп се уште јавно го нема објавено овој план, но очигледно е дека за него нема да ја има поддршката од сопартијците, барем овие двајца кои имаат исклучително важни функции.