Решение во Собранието, да не се губи време на избори – бара меѓународниот фактор

од desk2
161 прегледи

Изминува речиси една недела од спроведување на рефередумот во земјата. Влезот во НАТО и членството во ЕУ на Македонија е приоритет од кој не отстапуваат ниту власта, ниту бројни меѓународни претставници. На Македонија, како што истакнуваат, не и се потребни предвремени избори туку спроведување на Договорот со Грција со обезбедување на двотретинско мнозинство во Собранието.

Еврокомесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан вчера повтори дека не се потребни предвремени парламентарни избори во Македонија, туку дека треба да се искористи можноста и да се обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието за спроведување на Договорот со Грција. Во изјава за австрискиот весник „Курир“, Хан рече дека оваа порака веќе му ја пренел на македонскиот премиер Зоран Заев. 

– Новите избори ќе бидат само одоговлекување на патот кон почеток на преговорите за пристапување на ПЈРМ во ЕУ, што е планирано за летото наредната година, вели Хан.

Хан истакнува дека не може да се каже дека референдумот бил неуспешен.

– Невообичаено е на референдум да се добие поддршка од 94 проценти, но да излезат само 36,8 отсто од гласачите, и тоа бидејќи опозицијата очигледно беше успешна во бојкотирањето, истакнува еврокомесарот.

Еврокомесарот смета дека во Парламентот може да се обезбеди двотретинско мнозинство.

– Потребни се осум или девет гласови од опозицијата и тоа мора да биде остварено. Сите велат дека сакаат членство во ЕУ и НАТО вклучувајќи ја и опозицијата, а тогаш едноставно мора да ја платите цената на ова решение. Станува збор за решение кое е во интерес на земјата, а не на партиите и политичарите. И во таков случај како можат да се обезбедат гласовите? Јас верувам со комбинација меѓу балканското и рационалното, истакнува евокомесарот Јоханес Хан.

Од Вториот македонско-германски форум „Градиме мостови – политики и економија“ што се одржува во Скопје стасаа две пораки за изнаоѓање решение од страна на власта и опозицијата без нови избори.

– Македонија во моментов се наоѓа во многу одлучувачки период по референдумот минатата недела. Треба да се донесе одлука за иднината на државата и тоа долгорочно гледано. Дојдено е време кога опозицијата и Владата треба да се потрудат да најдат политичко заедничко решение, смета пратеникот во германскиот Бундестаг Торстен Фрај. 

Според него, не се работи за тоа поединечни пратеници да се поткупат, туку се работи за тоа да се постигне најдоброто за државата.

– Ако сме искрени, ми се чини дека треба да кажеме оти ваква шанса нема да има доколку не се постигне Спогодбата. Тоа е одлука на македонскиот народ и одлука што треба да ја донесе македонското Собрание, истакна Фрај.

Претставникот на фондацијата „Конрад Аденауер“ во Македонија, Јоханес Раи смета дека сега по референдумот не се потребни нови избори и оти она што е потребно е попис и прочистен Избирачки список.

– Простете што ќе го кажам и ова, но чудно е кога ни претседателот на Собранието не може да се најде на Избирачкиот список и не може да гласа на референдумот, вели Раи.

Германскиот амбасадор во Македонија, Томас Герберих, пак, повика опозицијата да не го блокира процесот и да се најде решение во Собранието. Рече дека лично се надева оти опозицијата ќе се вклучи во процесот и нема да ја оддалечува земјата од Европската Унија и НАТО.

Амбасадорот Герберих жали што излезеноста на референдумот била само 36 процети но, како што нагласи, референдумското изјазнување било консултативно, а не обврзувачко, и затоа процесот треба да продолжи во институциите.

Портпаролот на грчката Влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос вчера во интервју за грчкото радио „Њуз247” кажа дека Договорот од Преспа секако дека е жив.

– И двете страни, и поранешната југословенска Република Македонија и Грција, се решени да се борат за договорот да стапи во сила, рече Ѕанакопулос. 

– Мислам дека е во апсолутно правилна насока иницијативата на господинот Заев, дискусијата да ја пренесе во Собранието и да се обиде да го формира потребното мнозинство за уставната ревизија. Ние тесно ги следиме случувањата, ја поддржуваме иницијативата на господинот Заев, го поддржуваме обидот да го промени Уставот за да може и грчката Влада да го ратификува договорот за да стапи во сила, рече портпаролот на грчката Влада.

Во однос на позициите на владиниот коалициски партнер, Панос Каменос, Ѕанакопулос објасни дека не постои причина за загриженост за иднината на Владата.

– Пред неколку дена господинот Каменос се сретна со премиерот и рекоа дека прашањето со договорот од Преспа, во однос на парламентарниот аспект, одново ќе го разгледаат во март, објасни Ѕанакопулос.

Македонскиот премиер Зоран Заев, пак, во првото интервју дадено по референдумот за BHTV1, повтори дека владејачките партии не сакаат избори, но ако опозицијата се обиде да ја спречи иднината на државата кон ЕУ и НАТО поради лични калкулантски односи, тогаш тие ќе бидат принудени да одат на избори. 

Во него Заев истакнува дека ќе сторат се што треба да се обезбеди потребното мнозинство во Парламентот за уставните измени, но доколку опозицијата се обидува да ја спречи иднината на Македонија поради лични интереси, тогаш ќе мора да се оди на избори. Уверен е дека ако оди на избори, ќе добие двотретинско мнозинство бидејќи, како што вели, над 80 проценти од граѓаните се за европска иднина на државата.

– Во суштина верувам дека и опозицијата е за ЕУ. Тие не се против. Но, тие пусти политички калкулации кои ги прават политичките кругови се причина за ова. Дури и лидерот на опозицијата, кој бојкотираше, ако го прашате дали е за ЕУ и НАТО, тој ќе ви рече „да“ и јас во суштина верувам дека тоа е точно, но тој сака да се врати на власт, а тогаш кога сака да се врати на власт, ја загрозува иднината на нашата земја, вели Заев.

Во врска со реакциите на меѓународната заедница по референдумот, Заев рече дека меѓународниот фактор очекува Македонија да продолжи натаму и Парламентот да донесе одлука.

Слични содржини