Рестрикции ќе има само доколку е потребно, во ноември можно е враќање во школите и на други одделенија

од Берта Китинска

Во последните 24 часа се направени 1.350 тестирања, а регистрирани се 162 нови случаи на Ковид-19. Ако е потребно рестриктивните мерки ќе бидат активирани само доколку е потребно, односно ако епидемиолошката состојба се влоши уште повеќе, најавија здравствените власти.

Министерот за здравство Венко Филипче во гостувањето на Сител ТВ, најави дека во ноември може да се дозволи физичко присуство во училиштата и на други одделенија под услов епидемиолошката состојба да остане стабилна.
„Сега на почетокот на октомври важно е да има што помал број на деца во затворена протсторија, а доколку епидемиолошката состојба остане стабилна тогаш во месец ноември ќе дозволиме уште некои одделенија да бидат со физичко присуство“,рече Филипче.

Тој вели целта е да се дозволи учениците да се вратат на училиште, но тоа мора се прави чекор по чекор. Како ќе се одрази почетокот на школската година врз епидемиолошката состојба, се очекува да се види кон крајот на октомври.

„Ако ова сериозно не ја пореметува епидемиолошката ситуација во месец ноември ќе носиме друга одлука, да размислуваме за децата кои се во шесто одделение или прва година средно училиште. Чекор по чекор, но не сите нагло во затворена просторија“,вели Филиче објаснувајќи дека целта е да не се предизвика евентуален бран на новозаразени кој не би можел да се изменаџира во согласност со болничките капацитети.

Тој додаде дека витаминот Д најмногу помага за превенција, но и за лечење на Ковид 19.

„ Витамин Д најмногу помага, не само во превенција, туку и во третман на болеста. Одлични резултати имаат тие пациенти кои се лекуваат со висока доза на витамин Д“, изјави Филипче, и додаде дека кај нас нема недостаток на ниту еден лек.

За големата смртност од вирусот, Филипче повтори дека тоа најмногу се должи на задоцнетото доаѓање во болница.

„Самите се решаваат да се лекуваат и покрај нашите апели и барањата на матичните лекари да се јават во болница. Тоа го констатираме по тоа што навистина на приемот во болница, толку се лоши параметрите на сатурација со кислород, што и да се направи, за жал не може да им се помогне“, соопшти министерот.

Во болнички услови се починати четри лица – тројца пациенти од Скопје (на возраст од 55, 80 и 81 година) и еден од Штип (81).

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 18.138, бројката на оздравени пациенти е 15.068, на починати е 743, а во моментот бројот на активни случаи изнесува 2.327.

 

Слични содржини