Ракијата е жесток алкохолен пијалок, кој се прави од овошје: грозје, сливи, кајсии, круши, јаболка, но може и од мед или ореви. Ова е најпопуларниот балкански пијалок, со вообичаен процент на алкохол меѓу 40 и 60, кој се консумира со мезе – зеленчукови салати, туршија, месни или сувомесни производи.

“Традиционално“ приготвената ракија е секогаш подобра од индустриската. Во Македонија најмногу се консумира лозовата ракија, сливовата, но постојат и други видови зачинета ракија – како мастика, која содржи анасон и има сладок вкус или пелинковец кој содржи пелин и има горчлив вкус. Исто така масовно и популарно консумирана ракија е греаната ракија, во зимскиот период, како и за празниците Бадник или Василица.
Подготовка:
Потребно време: 10 мин
Состојки: 1 лажица шеќер, 200 ml ракија, 100 ml вода
На добро загреана рингла, во ѓезве, лонче или метален сад се става шеќер и се остава да се стопи и да добие златно-кафена боја (прегорен или карамелизиран шеќер). Се промешува и се полева со ракија, а се разблажува со вода. Соодносот е 2 спрема 1. Најдобро одговара бела лозова ракија. Доколку ракијата е со повисок процент на алкохол, се додава повеќе вода. Се остава да зоврие, се става во чаши и се служи топла. Не заборавајте да мезите со сирење, туршија или пршута!