Рецепт за баклава: Повкусна не сте пробале

од Vladimir Zorba

Баклавата ја сакаат и децата и возрасните, а лесно се подготвува. Доколку не сте сигурни кој рецепт да го следите, еве го оригиналот кој ни доаѓа од срцето на Босна, каде се јаде на празници, но и обичните денови не може да се замисли без ова слатко.

Состојки:

1 кг готова кора од баклава,
900 гр мелени ореви,
100 гр крупно сечкани ореви,
150 гр шеќер,
250 гр путер и 100 мл масло.

За прелив:

1 кг шеќер, вода и лимон.

Подготовка:

Подгответе го преливот – сипете го шеќерот во лонец и прелијте го со вода (да биде водата два прста над шеќерот).

Гответе околу 20 минути на силен оган, можеби и помалку, преливот да не е премногу густ. Густината треба да биде помеѓу сируп и вода. Во сварениот прелив додадете исечкан лимон. Оставете го да отстои, бидејќи преливот мора добро да се излади пред да го прелиете врз баклавата.

На плехот во кој ќе се пече баклавата се сече кората по мерка. Растопете го путерот на тивок оган, внимавајте да не ја смени бојата и измешајте го со маслото. Во тавата прво се ставаат три кори кои треба да се премачкаат со путер и зејтин (задржете ја смесата топла, така кората ќе добие крцкавост), па на првите три кори ставете ги сите сечкани ореви.

Преку него се ставаат две кори, па се премачкува со смеса од путер и масло (смесата може да се стави и на секоја кора), па се посипува со мелени ореви кои претходно сте ги измешале со 150 грама шеќер. Повторете ја постапката додека не го потрошите материјалот.

На крај баклавата покријте ја со три кори и тоа откако секоја, по ставањето, ја премачкувате со путер, освен последната.

Пред да ја исечете, баклавата притиснете ја со дланките и сè исправете. Баклавата потоа се сече во форма на дијаманти.

Се става во рерна прво десетина минути на 190 степени додека не порумени, а потоа се суши 45 минути на 150 степени. Доколку мислите дека ќе биде премногу темна, покријте го со алуминиумска фолија и продолжете со печењето.

Проверете дали е печена така што ќе ја поместите баклавата со вилушка и проверете дали е испечена и дното. Топлата баклава прелијте ја со ладен прелив и притиснете со тепсија или плех за да се израмни кората.

Баклавата не треба да биде притисната повеќе од десет минути. Таа е најдобра кога се остава ден-два, на ладно место.

На здравје!

Слични содржини