Нема нови пораки од посетите на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеј, на нашата земја, смета Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика.
-Оние повторените беа прилично силни и јасни, а и убаво кажани. Главното е дека ние сме го сториле нашето, а сега е ред на Унијата да го стори своето, односно да се отпочнат преговорите. Оваа порака колку што е упатена до нас, толку е и до земјите членки. Сепак, Фон дер Лајен додаде едно значајно „сепак“, рече Ристевска Јорданова за „Локално“.
Таа не ја исклучува можноста дека по парламентарните избори во Бугарија на преговарачката маса за надминуваање на македонско – бугарскиот спор може да се најдат и „подновени“ предлози.
– За да се одржи првата меѓувладина конференција до крајот на годинава, потребен е „дополнителен чекор“. За таквиот дополнителен чекор нема попрецизни најави или појаснувања, освен дека основата е португалскиот предлог, на кој работи словенечкото претседателство. Може да се очекуваат „подновени“ предлози – најверојатно по изборите во Бугарија. Како и да е, од наша страна треба сите предлози да бидат сеопфатно консултирани и разгледани, за понатаму да не се нарушуваат нашите позиции, рече Ристевска Јорданова.
Во меѓувреме не стивнува „ладниот“ бугарски ветер кон Македонија. Поранешната шефица на бугарската дипломатија Екатерина Захариева, која сега е пратеничка во бугарскиот парламент се интересира дали македонската влада има намера да ја спроведе Резолуцијата на Советот на Европа од 2006 година, со која се бара осуда на тоталитарните режими? Таа посочи дека „Македонија е единствената земја со такво минато што се уште не го сторила тоа и не обезбедила рехабилитација на жртвите од комунизмот“.
Екс министерката за надворешни работи на Бугарија Захариева, од вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, кој беше специјален гостин на есенската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур, побара одговори на две прашања. Првото, „Што прави македонската влада, за да го надмине, како што вели таа, негативниот тренд, поврзан со притисокот и дискриминацијата врз граѓаните на РСМ со бугарско потекло кон кои имало закани и злосторства од омраза?“ И второто, поврзано со говорот на омраза кон Бугарија.
На првото прашање, Димитров на својата поранешна колешка Захариева и одговори дека Бугарите не се дискриминирани бидејќи во институциите нема ниту еден единствен пријавен случај за дискриминација врз основа на бугарска националност.
-Оттука, тешко ми е да разберам дали ваквите обвинувања ви се дел од домашна политичка битка или се резултат на некаков меур во кој сте и навистина верувате дека се врши некаква дискриминација. Северна Македонија е мултиетничка држава и за разлика од други земји од регионот, кај нас малцинствата се апсолутно признати со гарантирано право на еднаквост и на самоопределување, кажа Димитров пред Парламентарното собрание на Советот на Европа.
Што се однесува до говорот на омраза, Димитров посочи дека од страна на официјални државни претставници нема говор на омраза.
-Се разбира дека осудуваме инциденти со говор на омраза, но треба да имате предвид дека кога на некој народ се обидувате да му ги оспорите јазикот и правото на самоопределување, очекувано е да има револт. Вашата политика е инвестиција во антагонизам, а не во пријателство, рече Димитров.
На Захариева ваквите одговори не и се допаднаа и изрази, како што рече, крајно разочарување, од „незадоволителните“ одговори на вицепремиерот Димитров.
Б.Т.