„РТС“: Во Македонија „исчезнаа“ 800.000 луѓе

од Nikola Popovski
390 прегледи

Една недела пред крајот на рокот за попис во Северна Македонија, статистичарите регистрираа само 1,39 милиони луѓе, или околу 800.000 помалку отколку во последниот попис, одржан пред 20 години, пишува во свој материјал Радио Телевизија Србија (РТС).

Попишани се уште 195.477 македонски државјани во дијаспората. Според пописот од 2002 година, Македонија имаше население од 2,1 милион жители.

Попишувачите можат да „процесираат“ околу 100.000 граѓани дневно, што практично значи дека населението на оваа балканска земја е многу помало отколку пред две децении, пишуваат „РТС“.

Во исто време, околу 1,8 милиони гласачи се регистрирани во Северна Македонија, така што, во суштина, би можело да испадне дека има повеќе гласачи отколку жители во земјава.

Во месеците пред пописот, македонските статистичари предупредија дека проценките дека околу два милиони луѓе живеат во земјата се сериозно претерани, велејќи дека конечното население може да се намали на околу 1,6 милиони луѓе.

Според последниот попис, Албанците сочинуваат една четвртина од околу два милиони жители на Северна Македонија, што го реши прашањето за двојазичност во голем број општини.

И покрај тврдењата на некои политичари дека промените во односите меѓу етничките групи можат да донесат домашни политички проблеми, премиерот Зоран Заев смета дека законите што произлегуваат од Охридскиот договор не можат да се менуваат ретроактивно, односно тврди дека пописот во суштина е чисто статистички процес.

Се очекува конечните резултати да бидат објавени до крајот на годината.

Слични содржини